Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, на 15 април 2020 година упати честитка по повод празникот Воскресение Христово до архиерејскиот синод на МПЦ – АО како и до сите свештеници, монаштвото и Божјиот народ. Честитката на монс. Стојанов ја пренесуваме во целост
Ваше Блаженство г.г. Стефан
„Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата и им рече ‘Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите’“ (Лк 24,45-46).
Додека деновиве, опасноста од инфекција на коронавирусот ги става во прашање човечките системи за безбедност, многу луѓе ги исполнува со страв пред смртта, ги раздвојува во изолација, ни пристапува Победникот над смртта како кај учениците на патот кон Емаус или во Салата на Последната вечера за да ни го отвори умот за подобро да разбереме она што е објавено во Светото Писмо за Божјиот безбедносен систем, остварено за нас во Неговите страдања, смрт и воскресение.
Сесрдно посакувам Воскреснатиот Господ да ни дарува нови сознанија во значењето на нашето постоење среде смртните закани, да не исполни со светлина која ја победува темнината, ги оживее нашите надежи и ни го направи радосен и весел празникот на Неговата победа над смртта.
Со овие мисли Вам, Ваше Блаженство, на членовите на Светиот Архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на МПЦ – ОA и на сиот Божји народ, честит празник Воскресение Христово – Христос воскресна!