Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во среда 15 април 2026 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје служеше света Литургија за упокоение на душата на монсињор Јоаким Хербут. Со епископот сослужуваа катедралниот парох патер Винко Маслаќ, протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов и катедралниот викар патер Томислав Рукавина. За време на светата Литургија бискупот Стојанов ги повика верниците во своите молитви да си спомнат за душата на бискупот Хербут, но и за останатите бискуп и свештеници кои служеле на Божјиот народ во оваа месна Црква.
Монсињор Јоаким Хербут е роден 1928 година во местото Руски Крстур во Војводина. Во 1952 година е ракоположен за свештеник во конкатедралната црква „Свети Кирил и Методиј” во Загреб. Од 1954 до 1957 година е секретар на Скопскиот бискуп Смиљан Чекада. Во 1954 година дипломира на Католичкиот богословски факултет во Загреб, а во 1965 завршува канонско право на Папскиот универзитет „Латеранум” во Рим. Во 1966 година на истиот универзитет ја одбрани докторската дисертација од канонско право на тема „Постот во византиската Црква”. Во октомври 1969 година монсињор Јоаким Хербут е именуван за Скопско-призренски бискуп, должност која ја презема во јануари 1970 година. Во 1972 година е именуван за Апостолски визитатор за католиците од византиски обред во Македонија, а во 2001 година е интронизиран за Апостолски егзарх во Македонија на воспоставениот Апостолски егзархат за верниците католици од источен обред во Македонија.
Монсињор Јоаким Хербут се пресели во вечноста по долго боледување во Скопје на 15 април 2005.
к.мк

