Бискупот Стојанов служеше Литургија за татковината

Бискупот Стојанов служеше Литургија за татковината

Во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, на празникот Раѓање на Пресвета Богородица 8 септември 2017 година, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов ја предводеше свечената Литургија за Татковината по повод Денот на независноста на Република Македонија.

Заедно со бискупот Стојанов концелебрираа скопскиот парох дон Давор Топиќ, деканот при Апостолскиот егзархат во Македонија, о. д-р Зоран Стојанов, директорот на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ, како и уште десетина свештеници. Покрај нив на светата Литургија присуствуваа членови на дипломатскиот хор, ректорот на Универзитетот во Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски и претставничката на Комисија за односи со верски заедници и религиозни групи Наташа Никифоровиќ.

Во пригодната проповед бискупот Стојанов рече: „Собрани сме на прославата на Денот на државноста на Република Македонија и како христијани го даваме сопствениот придонес кон најголемите богатства што Бог му ги доделил на човекот, а тоа се домот и Татковината. Ова наше собирање е чин на благодарност и чин на молитва. (…) Секој од нас е роден во конкретно време, во конкретно семејство, конкретно општество и на конкретно место и според тоа може да каже: мој живот, мое семејство, мој град и моја Татковина“.

„Како бискуп и како претставник на Католичката црква скромно, понизно, но автентично сакам да предочам што ние верниците сметаме дека е вистина за живот. За нас Татковината е светиња. Оваа Татковина не е ниту најразвиена земја, ниту најбогата, а не е ниту најпереспективна, но таа е наша. Мојата мајка може да биде универзитетски професор или неписмена селанка, но таа е моја мајка. Тешко мене, ако паднам толку ниско па да се срамам од мојата мајка, да се откажам од неа, да ја мамам. Мојата мајка е моја светиња, таа ме родила мене и јас не би можел да бидам јас, да не е таа. И оваа наша Татковина е наша Мајка затоа не можеме и не смееме ниту да се срамиме од неа, ниту да се откажеме, ниту да ја запоставиме. Тука постои само еден став, а тоа е да ја сакаме својата земја како своја мајка“.

„Нашата Татковина и со име и со презиме е Република Македонија. Како што може да се види од оваа перцепција за татковината, секој себично центриран интерес е исклучен. Тие кои што се избрани на чело на оваа заедница битно е да сфатат, а и ние со нив, дека имаме само една цел, а таа е да им помогнеме на сите заедно и на секој поединец одделно да градат општо добро. Дозволете ми да ви кажам дека ние како мала заедница на Католичката црква, сакаме во нашата татковина Македонија да бидеме љубов во срцето на таа Татковина. Сметајте на нас!  Секогаш ќе бидеме со нашите молитви и со вистина ќе се стремиме да го постигнеме општото добро за сите луѓе во нашата Татковина – Македонија“ – рече во својата проповед бискупот Стојнанов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот