Бискупот Стојанов служеше божиќна полноќна света Литургија во Скопската катедрала

Бискупот Стојанов служеше божиќна полноќна света Литургија во Скопската катедрала

Во недела, 24 декември 2023 година свечената полноќна света Литургија, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје ја предвoдеше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов во сослужение со директорот на Македонски Каритас отец Зоран И. Стојанов, бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов, директорот на Радио Марија отец Гоце Костов и катедралниот капелан патер Томислав Рукавина.

На свеченоста присуствуваше министерот за внатрешни работи на Македонија г-дин Оливер Спасовски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, преставници на МПЦ – ОА, претставници на државни институции, членови на дипломатскиот кор во Македонија, црковни и граѓански асоцијации и голем број верници.

На почетокот од својата проповед бискупот Стојанов ги поздрави присутните, а потоа осврнувајќи се на зборовите на светиот Евангелист Иван „и Словото стана тело и се всели меѓу нас“ истакна дека Бесмртниот Бог ја зеде човечката природа, зеде лик на слуга, за да нè направи негови синови и ќерки, кои бевме слуги на гревот и поради кои бевме предадени на смртта. Во Единиот Божји Син, кој стана човек, станавме и ние чеда Божји.

И покрај тоа што евангелистот Иван констатира: „Тој дојде кај Своите, но Своите не Го примија“ епископот Стојанов рече дека Бог сè уште има доверба во човекот и дека не прави никакви подготовки да се смести меѓу нас, туку сосема едноставно се раѓа како и секој друг човек и живее во сиромашни околности. Тој не бара царски палати или богати дворови, туку го избира местото на своето раѓање во штала во полињата на Витлеем.

Опишувајќи го начинот на кој Исус доаѓа во светот објасни дека се препушти на луѓето, на Марија и Јосиф, да го научат на човечки говор, се препушта на луѓето да биде хранет, негуван и воспитуван. Зборувајќи за тројцата мудреци бискупот Стојанов рече: Овие едноставни, но и мудри луѓе, без страв му приоѓаат и се восхитуваат на чудесните Божји дела – рече монсињор Стојанов и додаде: „Никој не треба да се плаши од дете. Од децата се плашат само тие кои не знаат како да се справат со нив, кои не знаат како да им пријдат. Но, детето го прави тоа успешно. Ги испружува рацете, со насмевката го прави првиот чекор кон човекот. Детето ни се насмевнува и кога нема причина за тоа. Тоа се насмевнува дури и кога сме обземени од грижи и кога сме затворени во себе. Тоа е „божествена“ насмевка упатена кон човекот“ Тој рече дека некои луѓе цел живот ја чуваат таа детска насмевка во себе, како што е насмевката на света Мајка Тереза, чија што насмевка беше божествена, без напор, бидејќи доаѓаше од срце полно со љубов.

Својата проповед бискупот Стојанов ја продолжи, цитирајќи стихови од позната божиќна песна „Тивка ноќ“, во кои се вели: „О, како се насмевнува Љубовта од твојата божествена уста“ и рече: Секаде каде што има таква „волшебна“ насмевка, насмевка што буди доверба – во децата, во саканите, кај зрелите, мудрите и возрасните – тоа не е човечко дело, туку благодат што доаѓа од Бога. Кога некој човек така одвнатре се смее, тогаш тоа е Божјата љубов на дело.“

Монсињор Стојанов истакна дека тоа Дете, малиот Исус, е родено во Витлеем, во Давидовиот град. Но, пред вистинското раѓање, на неколку места се подготвува Божиќ. Според Божјиот план за спасение најпрво се подготвува на небото, потоа во Назарет во работилницата на Јосиф и на крајот во куќата на Јоаким и Ана, родителите на Марија – рече Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов.

Потоа тој ја опиша улогата на Пресвета Богородица и свети Јосиф во божественниот план, како и нивното патување за Витлеем и честитајќи го празникот Рождество Христово рече: Да ги отвориме нашите срца за Божјата љубов што ја среќаваме во Исус Христос! Да го прифатиме со вера и да живееме како Божји деца. Тогаш Божиќната тајна ќе стане и во нашето срце светлина што го просветлува и осветлува овој свет. Честити празник Рождество Христово – Христос се роди – рече на крајот од својата проповед бискупот Стојанов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот