Бискупот Егидиус Живковиќ со верници од Австрија на ходочестие во Скопје по стапките на света Мајка Тереза
Бискупот на Ајзенштад, монсињор д-р Егидиус Живковиќ, заедно со голем број верници од својата бискупија во Австрија, на 20 септември 2026 година го започна ходочестието по стапките на света Мајка Тереза, а првата етапа на нивното ходочестие беше нејзиниот роден град Скопје.
Ходочесниците ја посетија Спомен-куќата на света Мајка Тереза, изградена во близина на местото каде што некогаш се наоѓала Католичката црква во која младата Гонџа Бојаџиу, подоцна света Мајка Тереза, се молела и го продлабочувала својот духовен повик.
Посебно внимание беше посветено и на статуата на Пресветото Срце Исусово, пред која Мајка Тереза се молела во младоста. Денес статуата се наоѓа во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, изградена по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.
Во вечерните часови, во скопската катедрала беше отслужена света Литургија, која ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, во сослужение со бискупот Егидиус Живковиќ и катедралниот парох дон Карол Томашевски.
Во проповедта бискупот Стојанов најнапред се осврна на литургиските читања од денот, а потоа накратко ги запозна гостите со животот и делувањето на Католичката црква во Македонија. Посебно се задржа на животот, духовниот повик и сведоштвото на света Мајка Тереза, која од Скопје тргна на патот што подоцна ќе ја одведе во служба на најсиромашните и најнапуштените.
На крајот, бискупот Живковиќ изрази благодарност за топлиот пречек во Скопје, во свое име и во името на верниците од бискупијата Ајезнштад. Тој истакна дека со особена радост го остваруваат долго планираното ходочестие и можноста лично да го посетат родниот град на света Мајка Тереза и местата поврзани со почетоците на нејзиниот духовен повик.
Ходочестието продолжува со посета на други места поврзани со животот и духовното наследство на светицата.
к.мк

