Библијата е преведена целосно или делумно на повеќе од 4.000 јазици

Библијата е преведена целосно или делумно на повеќе од 4.000 јазици

Според Светскиот сојуз на библиски друштва, околу 6,6 милијарди луѓе денес можат да читаат барем делови од Светото Писмо на својот мајчин јазик.

Библијата е целосно или делумно преведена на повеќе од 4.000 јазици во светот. Во својот нов годишен извештај за 2025 година, Светскиот сојуз на библиски друштва наведува точно 4.121 јазик, при проценета светска јазична разновидност од околу 7.400 јазици. Ниту една друга книга не постои на толку многу различни јазици.

Во најмалку 13 јазици минатата година првпат бил завршен целосниот библиски текст. Со тоа, целата Библија денес е достапна на 795 јазици. Бројот на луѓе што можат да ја читаат целата Библија на својот мајчин јазик се зголемил на околу 6,6 милијарди.

Од источен оромо до токелауански

Според библиските друштва, меѓу новите преводи се и оние на источен оромо, јазик што во Етиопија го зборуваат повеќе од 10 милиони луѓе. Делови од Светото Писмо сега се достапни и на муонг, јазик со околу 1,5 милиони говорители во Виетнам, како и на токелауански и пинјумајан, јазици што ги зборуваат по неколку илјади луѓе во Нов Зеланд и Тајван.

Годишниот извештај бележи завршени проекти на 100 јазици. Во најголем дел станува збор за преводи на делови од Библијата.

Многу верзии на германски и англиски

Според Светскиот сојуз на библиски друштва, на ниту еден друг јазик нема толку многу различни библиски преводи како на германски и англиски. На германски јазик постојат повеќе од 35 верзии, од преводи блиски до изворниот текст до современи и разговорни преноси. Само во мал број јазици во светот постои повеќе од еден превод на Библијата.

Катпрес/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот