Во своето неделно обраќање, папата Фрањо ги повика верниците, среде сета неизвесност и страв, бестрашно да му се приближат на Христос кој секогаш ја смирува бурата.
Обраќајќи им се на илјадниците ходочесници собрани на плоштадот Свети Петар, во недела 23 јуни 2024 година, папата Фрањо се осврна на Евангелието од неделната Литургија, во кое се зборува за Исус и учениците, кои се во коработ на Тиверијадското Море. Учениците биле преплашени кога ненадејна и силна бура се заканувала да го потоне коработ додека Исус спиел. Господ ја имал целата ситуација под контрола и на учениците им дава лекција за да имаат доверба во Него.
Дури и ако изгледаше дека Исус сака да ги искушува учениците и нивната вера, Папата истакна дека на крајот тие излегле од тоа искуство посвесни за Исусовата сила и Неговото присуство меѓу нив. Застрашувачката ситуација ги прави посилни и поспремни да се соочат со други пречки и тешкотии, меѓу кои и стравот да се одважат да го проповедаат Евангелието, истакна Светиот Отец. Откако со Него ќе го надминат тоа искушение „ќе знаат да се соочат со многу други, сѐ до крстот и мачеништвото, за да го пренесат Евангелието до сите народи“.
Исус го прави истото со нас, посебно во Евхаристијата, нагласи Папата. „Христос нè собира сите околу себе, ни го дава Своето Слово и нè храни со Неговото Тело и Неговата Крв. Нѐ повикува да испловиме, да пренесеме се што сме слушнале и да го споделиме она што сме го примиле со сите, во секојдневниот живот, дури и кога е тешко“. Господ не нè штеди од тешките времиња, но, не напуштајќи нè, ни помага да се соочиме со нив. Како апостолите, победувајќи ги искушенијата со Негова помош, „учиме да се прилепуваме кон Него уште повеќе и да веруваме во Неговата сила, која далеку ги надминува нашите способности“. Оваа доверба ќе ни помогне „да ги надминеме несигурностите и сомнежите“ со „храброст и големо срце“ за да им кажеме на сите „дека Царството Небесно е присутно и дека со Исус кој е покрај нас можеме заедно да направиме да расте, и покрај сите пречки“, рече Свети Отец.
На крајот Папата ги поттикна верниците да си постават неколку прашања. Меѓу другото, праша: „Дали кога ќе дојде бура, ме обзема немир или се прилепувам за Него за да најдам спокој и мир, во тивка молитва, слушање на Словото, обожавање и братско споделување на верата?“
По молитвата Ангел Господов, Папата се молеше Светиот Дух да ги „просветли умовите на владетелите“ и да „всади во нив мудрост и чувство за одговорност, да избегнуваат какви било постапки или зборови што поттикнуваат конфликти и наместо тоа решително да се стремат кон мирно решавање на конфликтите“. Тој повика на молитва за мир, посебно за Украина, Палестина, Израел и Демократска Република Конго.
Ватикан нуз/к.мк