Ангел Господов: Солидарноста нека биде критериум на човечките односи, за мир и грижа за слабите
Во своето пладневно обраќање на плоштадот Свети Петар Папата нагласи дека доаѓањето на Исус во слабоста на човечкото тело нè повикува да се свртиме кон Бога и човекот. Ова нè охрабрува да живееме воплотена вера, да размислуваме, да се молиме и да го проповедаме Бог кој не е далечен, туку присутен во лицето на нашите браќа и сестри, кој се открива во секојдневните ситуации. На ист начин, нè охрабрува да се свртиме кон другите, конкретно работејќи на промовирање на братството и заедништвото.
Папата Лав XIV во недела, 4 јануари 2026 година, во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов, објави дека Јубилејот на надежта ќе заврши задутре со затворање на Светите Врати на базиликата „Свети Петар“. Тој додаде дека токму таинството на Божиќ, во кое сме потопени, нè потсетува дека Божјото воплотување е темел на нашата надеж.
Како што рече, христијанската надеж не се темели на оптимистички предвидувања или човечки пресметки, туку на Божјата одлука да го сподели нашиот пат, за да не бидеме никогаш сами на нашето патување низ животот. Ова е Божјо дело: во Исус тој стана еден од нас, тој избра да биде со нас, тој сакаше да биде Бог-со-нас засекогаш.
Светиот Отец додаде дека Исусовото доаѓање во слабоста на човечкото тело ја обновува надежта во нас, но ни доверува и двојна обврска: едната кон Бога, а другата кон човекот. Притоа, тој нагласи:
Кон Бога, бидејќи ако тој стана тело, ако ја избра нашата човечка слабост како свое живеалиште, тогаш секогаш сме повикани да го созерцуваме Бога почнувајќи од телото Исусово, а не од апстрактна доктрина. Затоа, секогаш мора да ја испитуваме нашата духовност и формите во кои ја изразуваме нашата вера, за да можеме навистина да бидеме воплотени, односно способни да размислуваме, да се молиме и да го објавуваме Бога кој доаѓа да нè пречека во Исус: не Бог кој е далеку и престојува на совршено небо над нас, туку Бог кој е блиску, кој престојува на нашата кревка земја, кој се објавува во лицето на нашите браќа и сестри, кој се открива во секојдневните ситуации.
Римскиот епископ нагласи дека нашата посветеност кон секој човек мора да биде подеднакво доследна. Затоа, додаде:
Ако Бог стана еден од нас, секое човечко суштество е негов одраз, во себе го носи неговиот лик, зачувува искра од неговата светлина; и нè повикува да го препознаеме во секоја личност неговото неприкосновено достоинство и да практикуваме меѓусебна љубов еден кон друг. Така, Воплотувањето нè повикува и на конкретна посветеност за промовирање на братството и заедништвото, да ја направиме солидарноста мерка на човечките односи, на правдата и мирот, да се грижиме за најкревките и да ги браниме слабите. Бог стана тело; затоа, нема вистинско богослужение без грижа за човечкото тело.
Браќа и сестри, нека радоста на Божиќ нè охрабри да го продолжиме нашето патување, молејќи се на Пресвета Богородица да нè направи уште поподготвени да му служиме на Бога и на нашиот ближен – заврши папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

