На 21 март 2021 година, пред молитвата Ангел Господов, папата Фрањо истакна дека ние христијаните и нашите заедници имаме голема одговорност за оние што го бараат Исус и дека мора да сведочиме со нашите животи. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри добар ден!
На оваа Петта недела од Великиот пост на Литургијата оддекнува Евангелието во кое Свети Иван го донесува настанот кој се случил во последните денови од животот на Христос, непосредно пред Страдањето (сп. Иван 12, 20-33). Додека Исус беше во Ерусалим на празникот Пасха, некои Елини, заинтригирани од она што го правеше, изразија желба да го видат. Кога му пријдоа на апостол Филип, му рекоа: „Господине, сакаме да Го видиме Исус” (ред 21). „Сакаме да Го видиме Исуса“. Да се потсетиме на оваа желба: „Сакаме да Го видиме Исуса“. Филип му кажува на Андреј, а потоа заедно му пренесуваат на Учителот. Во молбата на овие Елини можеме да ја видиме молбата, која многу мажи и жени, од сите места и од сите времиња, се обраќаат до Црквата и до секој од нас: „Сакаме да го видиме Исус“.
И како одговорил Исус на таа молба? На начин кој поттикнува на размислување. Тој вели: „„Дојде часот да се прослави Синот Човечки. (…) Ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод.“ (ред 23-24). Изгледа дека овие зборови не одговараат на прашањето поставено од Елините. Но, тие зборови, всушност, продолжуваат понатаму. Имено, Исус открива дека Тој, за секој човек што сака да го бара е скриено семе подготвено да умре за да донесе многу плод. Како да сака да каже: Ако сакаш да ме запознаеш, ако сакаш да ме разбереш, погледни зрно пченица што умира во земјата, т.е. погледни го крстот.
Да помислиме спонтано за симболот на крстот, кој низ вековите стана амблем par excellence за христијаните. Оној кој и денес сака да го „види Исус“, а можеби доаѓа од земји и култури каде христијанството е малку познато, што гледа најпрво? Кој е најчестиот знак со кој се среќава? Тоа е распетието, крстот. Во црквите, во домовите на христијаните, па дури и врз сопственото тело. Важно е тој знак да биде доследен на евангелието: крстот едноставно мора да искажува исклучиво љубов, служење и давање без задршка: само на тој начин тој е навистина „дрво на животот“, на преобилниот живот.
И денес, многумина, дури и без тоа често да го кажуваат, би сакале да го „видат Исус“, да се сретнат со него, да го запознаат. Оттука ја разбираме големата одговорност на нас христијаните и на нашите заедници. И ние мора да одговориме со сведочење на животот, кој се дарува во служење, живот кој го презема Божјиот стил – близина, сочувство и нежност – и се дарува во служење. Станува збор за сеење семе на љубовта, не со зборови кои ги носи ветрот, туку со конкретни примери, едноставни и храбри, не теоретски осуди, туку со гестови на љубов. Тогаш Господ, со својата благодат, ни дозволува да вродиме со плод, дури и кога земјата е сува поради недоразбирања, тешкотии или прогони или стремежи за клерикален легализам или морализми. Тоа е неплодна земја. Токму тогаш, во искушение и осаменост, додека семето умира, е моментот во кој никнува животот, за да даде во свое време зрели плодови. Токму во тој заплет на смртта и животот можеме да ја доживееме радоста и вистинската плодност на љубовта, која секогаш, повторувам, се дава во Божји стил: близина, сочувство, нежност.
Девица Марија нека ни помогне да го следиме Исус, да чекориме силни и радосни по патот на служење, како би блескала Христовата љубов во секој наш став и да стане сѐ повеќе и повеќе начин според кој ќе го живееме секојдневието.
Ватикан њуз/к.мк