Папата Фрањо во своето пладневно обраќање ги поттикна верниците да бидат верни на Евангелието, да внимаваат на она што е навистина важно во животот, да не даваат важност на идолите за успешност и консумеризмот. Единственото нешто од кое треба да се плашиме е отфрлањето на сопствениот живот
Јас, од што се плашам? Што нема да го имам тоа што ми се допаѓа? Што нема да ги постигнам целите кои општеството ги наметнува? Осуда од други луѓе? Или дека нема да му угодам на Господа и дека нема да го ставам неговото Евангелие на прво место? – се праша папата Фрањо, но и верниците собрани на плоштадот Свети Петар, во пладневното обраќање пред молитвата Ангел Господов, во недела 25 јуни 2025 година. Имено, во Евангелието на денешната Литургија, Исус трипати им повторува на своите ученици да не се плашат, не затоа што во светот сè ќе биде добро, туку затоа што сме скапоцени за Отецот и она што е добро нема да се изгуби.
Не трошете го живот во потрага по безвредни работи
Има само една работа, вели Исус, од која треба да се плашиме, а за да го објасни тоа се послужи со сликата на Геена долина, која била добро познато место за жителите на Ерусалим. Имено, тоа беше голема депонија за градскиот отпад.
Со ова, Исус сака да ни каже дека она од што навистина треба да се плашиме е да го отфрлиме сопствениот живот. Отфрлање на својот живот; за тоа Исус вели: „Да, плашете се од тоа“. Како да сака да каже: Не треба толку да се плашиме од недоразбирања и критики, губење на угледот и материјалните придобивки, важно е да останеме верни на Евангелието. Можеме да си го уништиме животот стремејќи се кон безвредни работи, кои не го исполнуваат животот со смисла.
Никогаш не ставајте ги работите пред луѓето
Тоа се случува и денес – истакна Светиот Отец. И денес, имено, можеме да бидеме исмејувани или дискриминирани ако не следиме одредени модерни обрасци, кои, меѓутоа често во центар ставаат второстепени реалности: предмети наместо луѓе, успех наместо односи – објасни Папата и наведе три примери: родители кои поради работата го немаат потребното време да бидат со децата; свештениците и монахињите кои посветено се посветуваат на својата служба, но забораваат да посветат време за да бидат со Исус, во спротивно – истакна Папата – паѓаат во духовна световност и го губат чувството за тоа кои се; и на крај младите луѓе, кои имаат безброј обврски и страсти: училиште, спорт, разни интереси, мобилни телефони и социјални мрежи, но имаат потреба да запознаваат луѓе и да ги остварат големите соништа, не губејќи време на минливи работи кои не оставаат трага.
Одењето против струјата има своја цена
Сето ова вклучува одредено откажување од идолите на успехот и консумеризмот, но неопходно е за да не се изгубиме во работи, кои подоцна ги отфрламе, како што беше случајот со Геена. Меѓутоа луѓето често завршуваат и во денешните Геени, последни, кои често се третираат како отпаден материјал или несакани предмети.
Да се остане верен на она што е важно има своја цена; кошта да се плива спротивно на струјата, да се ослободиме од условувањето на општото мислење, да бидеме оставени настрана од оние што „го следат бранот“. Но, не е важно, вели Исус: она што е важно е да не се отфрли најголемото добро, а тоа е животот. Тоа е единственото нешто од што треба да се плашиме.
Верност на Евангелието, кое од самите почетоци на Црквата, покрај радостите запозна и бројни ризици. Звучи парадоксално – истакна Светиот Отец – навестувањето на Божјото царство е порака за мир и правда, заснована на братска љубов и простување, но сепак наидува на противење, насилство и прогонство – истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк