Ангел Господов: Грижата за другиот е највисок закон што претходи на секое општествено правило

Ангел Господов: Грижата за другиот е највисок закон што претходи на секое општествено правило

Папата во пладневниот говор во недела 13 јули 2025 година упатен од Кастел Гандолфо повторно се осврна на евангелскиот дел за добриот Самарјанин, нагласувајќи дека дарот на вечниот живот се наследува преку прифаќање на Божјата волја и гледање кон Исуса, кој е откровение на вистинската љубов која не поседува, туку простува и помага. Повика сите, по примерот на Христос, да носиме утеха и надеж, особено на оние што се разочарани и обесхрабрени.

За да живееме вечно, не треба да ја надмудриме смртта, туку да служиме на животот – тоа значи да се грижиме за животот на другите во времето што ни е дадено. Ова е највисокиот закон, кој претходи на секое општествено правило и му дава смисла. Тоа го истакна Папа Лав XIV во пладневниот говор пред молитвата „Ангел Господов“ на 13 јули, на Плоштадот на слободата во Кастел Гандолфо, осврнувајќи се на параболата за добриот Самарјанин – централна тема на Евангелието за Петнаестата недела во година.

Вечниот живот – добро што Бог ни го предава во наследство

На почетокот на говорот, Светиот Отец се задржа на прашањето поставено до Исуса: „Учителу, што треба да направам за да го наследам вечниот живот?“ – во кое е изразена нашата постојана жед за спасение, за живот ослободен од пропаст, зло и смрт. Тоа е добро што се наследува – посочи Папата – а не нешто што може да се освојува со сила, да се измоли или да се добие по договор.

Вечниот живот, кој единствено Бог може да го подари, се пренесува на човекот како наследство – како што таткото го пренесува на детето.

Божјата волја е љубов – закон на животот

Римскиот епископ објасни дека Исус затоа одговара дека за да се прими Божјиот дар, потребно е да се прифати Неговата волја. Таа е запишана во Законот: „Љуби го Господа, Бога твој со сето свое срце“ и „љуби го ближниот свој како себе си“. На тој начин – истакна Папата –возвраќаме на љубовта на Отецот: Божјата волја е закон на животот што Бог прв го живее кон нас, љубејќи нè целосно и безрезервно преку својот Син Исуса Христос.

Исус – откровение на вистинската љубов што дарува, простува и помага

Затоа, Петровиот наследник повика да гледаме во Исуса, откровение на вистинската љубов кон Бога и кон човекот: љубов што дарува, а не поседува; љубов што простува, а не осудува; љубов што помага и никогаш не напушта.

Во Христос Бог стана ближен на секоја жена и секој маж. Затоа и ние можеме и треба да бидеме ближни на оние што ги среќаваме на нашиот животен пат. По примерот на Исуса, Спасителот на светот, и ние сме повикани да носиме утеха и надеж – особено на оние што се обесхрабрени и разочарани.

Градители на мирот

Папа Лав XIV го заврши пладневниот говор со молитва до Пресвета Богородица, Мајка на милосрдието, да ни помогне во срцето да ја прифатиме Божјата волја, која секогаш е волја на љубов и спасение, за да бидеме од ден на ден градители на мирот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот