Расположливоста и понизноста се карактеристики преку кои се гледа верата. Ова го истакна папата Фрањо во своето пладневна обраќање, коментирајќи пасус од Евангелието по Лука во кој се зборува за првото проповедање на Исус во Назарет. Неговите сонародници не го разбраа, згора на тоа, му се спротивставуваа; од него бараат чудотворни знаци.
„Ниеден пророк не е мил во земјата своја“, се зборовите на Исус кои станаа изрека, рече папата Фрањо во попладневното обраќање, во недела 30 јануари 2022 година осврнувајќи се на дел од евангелието по Лука од денешната Литургија, а кој зборува за Исусовото прво проповедање во синагогата во Назарет. Исус наидува на неразбирање од своите сограѓани, бидејќи тие сакале чуда, чудесни знаци, повеќе од зборови на вистина. Така го отфрлаат, затоа што велат дека го познаваат од дете: „Не е ли Овој синот на Јосифа?”
Сепак, овој неуспех не беше непредвиден за Исус – истакна Папата. Исус го очекуваше тоа. Ги знаеше своите, знаеше каков ризик презема. Затоа, можеме да се запрашаме: Зошто, ако наслутуваше неуспех, сепак оди во својот роден крај? Зошто да се прави добро на луѓе кои не се подготвени да те прифатат? Ова е прашање што често и ние си го поставуваме. Но, тоа прашање ни помага подобро да го разбереме Бог. Тој не се повлекува поради нашата затвореност; тој не ја прекинува својата љубов. Тој продолжува и покрај нашата затвореност. Пример за тоа гледаме кај родителите кои се свесни за неблагодарноста на своите деца, но не престануваат поради тоа да ги сакаат и да им прават добро. Господ е таков, но на многу повисоко ниво – рече Папата и додаде: Денеска и нас нѐ повикува да веруваме во доброто, да не пропуштаме ниту една можност да правиме добро.
Расположливост и понизност
Луѓето од Назарет не биле гостопримливи, а ние? – праша Папата, нагласувајќи ги примерите на гостопримство кои ги предлага самиот Исус, но кој не се лесни, имено поминал низ искушенија. Станува збор за двајца странци: една вдовица во Серепта Сидонска, која го примила Илија и покрај гладот и иако пророкот бил прогонуван, и Нееман Сириецот кој го прифатил упатството на пророкот Елисеј кој го навел да се понизи и да се искапи во реката седум пати. (сп. 2. Царевите 5,1-14). Вдовицата и Нееман ги прифатија со нивната расположивост и понизност. Така верата се покажува, преку расположливоста и понизноста. Вдовицата и Нееман не ги отфрлија Божјите патишта и патиштата на неговите пророци – истакна Папата – тие беа послушни, не беа крути и затворени.
Браќа и сестри, Исус го следи патот на пророците; се претставува како што не би очекувале. Не го пронаоѓаат оние кои бараат чуда, нови возбудувања, вера создадена од моќ и надворешни знаци. Него го пронаоѓаат оние кои ги прифаќаат неговите патишта и неговите предизвици, без поплаки, без сомнежи, без критики и без обесен нос. Со други зборови, Исус бара од тебе да го прифатиш во секојдневната реалност во која живееш; во денешната Црква, таква каква што е; во оној кој е блиску до тебе секој ден; во конкретноста на оние во потреба, во проблемите на твоето семејство, родителите, децата, бабите и дедовците. Тој е таму и нè повикува да се очистиме во реката на расположливост и во многуте здрави бањи на понизноста. Потребна е понизност за средба со Бога – истакна Папата.
Господ бара отворен ум и едноставно срце
На крајот, тој повторно поттикна сите да се запрашаме дали сме гостољубиви или слични на Исусовите сонародници кои мислеле дека знаат сè за него? Можеби после толку години верски живот мислиме дека добро го познаваме Господ, со нашите идеи и судови. Опасноста е да се навикнеме на тоа, да се навикнеме на Исус, затворајќи се за неговите новости, во моментот кога ќе чукне на твојата врата и ќе ти каже нешто ново, тој сака да влезе во тебе. Мора да излеземе од нашите цврсти позиции. Господ бара отворен ум и едноставно срце; тогаш човекот е во состојба да се изненади, да се восхитува. Господ секогаш нè изненадува, во тоа е убавината на средбата со Исус – рече папата Фрањо и ја повика Богородица, пример на понизност и расположливост, да ни го покаже патот како да го прифатиме Исус.
Ватикан њуз/к.мк