Во своето неделно обраќање пред молитвата „Ангел Господов“ во Ватикан, папата Лав XIV потсети на Исусовата парабола за работниците во лозјето и нагласи дека Божјите патишта не се наши патишта, а Неговите планови се бескрајно поголеми од она што можеме да го замислиме.
„Божјите планови се бескрајно поголеми и, би можеле да кажеме, похумани од оние што ние, мажите и жените обележани со грев, можеме да ги замислиме или оствариме.“
Со овие зборови папата Лав XIV им се обрати на верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“ во неделата напладне, 20 септември 2026 година, за време на молитвата „Ангел Господов“.
Во своето обраќање, Папата потсети дека во неделната Литургија, преку зборовите на пророкот Исаија, Господ ни дава силна причина за надеж, потсетувајќи нè дека Неговите мисли не се наши мисли и Неговите патишта не се наши патишта.
Затоа, рече папата Лав, повикот на пророкот да ги напуштиме нашите искривени патишта и да се вратиме кај Господ, Кој е милост и простување, денес е поважен од кога било.
Она што Бог го подготвува за нас
Светиот Отец потсети дека Исусовите параболи ја откриваат новината на она што Бог го подготвува за нас, но истовремено го покажуваат и отпорот што честопати го даваме пред една повеликодушна праведност и поголема љубов.
Во денешното евангелско читање ја слушаме параболата за работниците повикани да работат во лозјето. Некои работеле цел ден, други само неколку часа, а некои биле повикани дури при зајдисонце.
Во параболата, истакна Папата, сопственикот на лозјето кон последните се однесува исто како и кон оние што работеле цел ден.
Особено значајно е тоа што тој му дава јасна наредба на управителот работниците да бидат исплатени „почнувајќи од последните, па до првите“.
Негодувањето можело лесно да се избегне
Папата Лав XIV посочи дека негативната реакција на оние што работеле цел ден можела лесно да се избегне. Но, тоа било направено намерно, за да се покаже дека откровението на Божјата добрина е наменето за сите, а не само за некои.
Бог, нагласи Папата, има поинакви патишта и нови замисли дури и за оние што се сметаат себеси за први и мислат дека го заслужиле она што го имаат или дека имаат право на резултатите што ги постигнале.
„Напротив“, рече папата Лав, „сите стекнуваме радост, мудрост и подобра иднина кога законот на љубовта го прекинува законот на пресметката, кога искуството на милоста го проширува искуството на заслугата и кога дарот на мирот ги запира ривалствата и нè приближува едни кон други во благодарност.“
Нема место за завист таму каде што се појавува Божјата новина
Папата истакна дека е „благодат“ да бидеме Божји „соработници“, работејќи во Неговото лозје и служејќи му на Неговото Царство.
Но, нагласи тој, „нема место за завист или поделба таму каде што се појавува Божјата новина“.
„Затоа, да Го бараме Господ додека може да се најде; да Го повикуваме додека е близу; да ги напуштиме искривените патишта и злите мисли“, повика Папата.
На крајот, папата Лав XIV ги повика верниците да гледаат кон Пресвета Богородица, „создание како нас, но без дамка“, која може да ни помогне да се надеваме во Бога и да се довериме на Неговата милост.
„Нека ни помогне Неговите патишта да станат наши патишта и Неговите мисли да станат наши мисли“, заклучи Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк

