Ангел Господов: Божјата големина лекува од дрога и празноверие

Ангел Господов: Божјата големина лекува од дрога и празноверие

Можеме да бидеме сигурно во Божјата љубов и покрај своите гревови и слабости – истакна папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов во недела 11 март 2018 година, која се одржа на плоштадот Свети Петар. Светиот Отец ги потсети собраните верници и поклоници дека во оваа недела од постот, која е позната како Laetare“, односно „весели се“, влезната песна на денешната Литургија повикува на радост: „Весели се Ерусалиме„ (…) Радувајте се, радувајте се со него, сите кои тагувавте за него!“

Што е причината за среќата? – праша Папата и продолжи: Тоа е големата Божја љубов кон човештвото, како што ни покажува и делот од денешното Евангелие: Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Иван 3,16). Папата Фрањо рече дека тие зборови кои Исус ги изговара за време на разговорот со Никодим, ја допира темата која се наоѓа во центарот на христијанското навестување: дури и тогаш кога ситуацијата изгледа очајна, Бог се вклучува, му нуди на човекот спасение и радост. Бог имено не стои настрана, туку влегува во историјата на човештвото, влегува во нашиот живот, како со својата милост би нѐ оживеал и би нѐ спасил – потенцира Светиот Отец.

Повикани сме да го слушнеме тоа навестување и да ги отфрлиме искушенијата дека можеме без Бог, сметајќи дека сме апсолутно слободни од Него и неговото Слово – предупреди папата Фрањо. Кога ќе ја откриеме храброста да се признаеме такви какви што сме навистина, сфаќаме дека сме повикани да се носиме со својата кревкост и своите ограничувања. Тогаш може да се случи да не зафати вознемиреност, страв за утре, страв од болест или смрт. Тоа објаснува зошто многу лица, барајќи излез, понекогаш одат по опасни патеки, на пример преку тунелот на дрогата или пак по патот на празноверието или разорните магиски ритуали – рече Папата.

Во тој контекст Светиот Отец напомена дека е добро да се познаваат сопствените ограничувања и слабости, не за да би очајувале, туку за да ги принесеме на Господ. Тој ни помага на патот за лекување, нѐ води за рака, никогаш не нѐ остава сами. Бог е со нас и поради тоа се веселам, поради тоа се веселиме – истакна Папата.

Ние поседуваме вистинска и голема надеж во Бог Отецот, богат со милосрдие, кој ни го дава својот Син како би не спасил и тоа е нашата радост – рече Папата Фрањо и продолжи: Исто така имаме бројни таги, но ако сме вистински христијани, тогаш постои надеж која е мала радост што расте и која ни дава сигурност. Не смееме да се обесхрабриме кога ќе ги согледаме своите ограничености, своите гревови, своите слабости. Бог е близу, Исус е на крстот како би нѐ исцелил. Тоа е Божјата љубов. Да се гледа Распнатиот и да се зборува во себе: „Бог ме љуби“. Вистина е дека постојат тие ограничувања, тие слабости, тие гревови, но Тој е поголем од ограничувањата, слабостите и гревовите. Да не заборавиме: Бог е поголем од нашите слабости, неверства и гревови. Да го земеме Господ за рака, да гледаме во Распнатиот и да појдеме напред – поттикна Папата.

Марија, Мајката на милосрдието, во срцето нека ни ја стави сигурноста дека Бог нѐ љуби. Нека ни биде близу во моментите кога се чувствуваме осамени, кога сме во искушение да попуштиме од на тешкотиите во животот. Нека ни ги даде чувствата на својот Син, и така нашето одење во Великиот пост да стане искуство на простување, прифаќање и љубов – рече папата Фрањо на крајот од својот наговор.

Светиот Отец после молитвата Анге Господ ги поздрави присутните верници и ходочасници, а на посебен начин универзитетските студенти кои пристигнаа од разни страни на светот за да учествуваат на првиот „Ватикански Хакатон“, кој започна во четврток 8 март, а заврши во недела 11 март.

Станува збор за млади студенти кои се собраа во Ватикан со помош на своите економски, дизајнерски, инжинерски и технолошки знаења да одговорат на проблемите на општествената вклученост, меѓурелигискиот дијалог, како и на предизвиците со кои се сретнуваат мигрантите и бегалците. Со други зборови, цел им е да ја стават технологијата во служба на општото добро. Драги млади, убаво е да се стави интелигенцијата, која ни ја дава Бог, во служба на вистината и оние кои се во најголема потреба – рече Папата, повикувајќи ги на крајот да не заборават да се молат за него.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот