Пред 250-годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност, бискупите на Соединетите Американски Држави ќе ја посветат земјата на Пресветото Срце Исусово.
Конференцијата на католичките бискупи на Соединетите Американски Држави (USCCB) ќе го одржи своето пролетно пленарно собрание за 2026 година во Орландо, Флорида, од 10 до 12 јуни.
Како дел од собирот, бискупите ќе сослужуваат света Литургија и ќе ги посветат Соединетите Американски Држави на Пресветото Срце Исусово.
Чинот на посветување ќе се одржи во четврток, 11 јуни, а пред светата Литургија бискупите ќе слушнат размислувања за Пресветото Срце.
Посветувањето доаѓа во време кога САД ја одбележуваат 250-годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност на 4 јули.
Иницијативата има цел да поттикне пошироко католичко учество во одбележувањето и ќе се пренесува во живо на каналот на USCCB на YouTube.
Парохиите и поединечните католици се поканети да учествуваат преку 250 часа евхаристиско обожавање и/или 250 дела на милосрдие, како подготовка за посветувањето.
Во 2024 година, покојниот папа Фрањо ја објави својата енциклика Dilexit nos („Тој нè возљуби“) за човечката и божествената љубов на Пресветото Срце Исусово, истакнувајќи ја оваа побожност како противотров на современата површност.
Пролетно пленарно собрание
Пролетното пленарно собрание на USCCB ќе вклучува јавни седници на 10 и 11 јуни, кои исто така ќе бидат пренесувани во живо, се наведува во соопштението за медиумите.
Надбискупот Пол Кокли од Оклахома Сити ќе го отвори јавниот дел од пленарната седница со обраќање, првпат во својство на претседател на USCCB.
Се очекува на бискупите да им се обрати и надбискупот Габриеле Џордано Качија, апостолски нунциј во Соединетите Американски Држави.
Американските бискупи треба да гласаат за неколку точки, меѓу кои и за процесите за канонизација на монс. Џозеф Франсис Бу и Џон Рик Милер.
Комитетот за богослужба ќе претстави делови од новото издание на Лекционарот за света Литургија, како и додатокот за Римскиот мисал и Литургијата на часовите од 2025 година, за одобрување од бискупите.
Бискупите ќе разговараат и за ревизија на Повелбата за заштита на децата и младите, осврнувајќи се на елементите што ги идентификувале како области што бараат понатамошен развој.
Според соопштението за печатот, ревизијата ја нагласува „континуираната посветеност на бискупите за спречување злоупотреба и за обезбедување структури што ќе продолжат да функционираат при одговор на обвинувањата“.
Во пресрет на Светскиот ден на младите 2027 година во Сеул, Јужна Кореја, се очекува бискупите да разговараат и за учеството на Црквата во Соединетите Американски Држави.
Тие, исто така, ќе слушнат информации за католичката затворска служба, спроведувањето на Синодот и вклученоста во Интерконтиненталната гвадалупска деветница, која започнува на 12 декември.
Ватикан њуз/к.мк

