Папата Лав XIV отпатува за Барселона

Папата Лав XIV отпатува за Барселона

По четири дена во Мадрид, првата станица од неговото апостолско патување во Шпанија, папата Лав XIV отпатува за главниот град на Каталонија, каде што ќе остане до четврток наутро. Во вторник, 9 јуни 2026 година, Папата ќе учествува на два настани: пладневна молитва, кратко по пристигнувањето, во катедралата „Свети Крст и света Евлалија“, и молитвено бдение на Олимпискиот стадион „Луис Компањс“ во 20 часот.

Авионот „Иберија А320“, со папата Лав XIV, полета од Мадрид во 11:52 часот кон Барселона, втората станица од неговото апостолско патување во Шпанија.

Папата денес, 9 јуни, пристигна на меѓународниот аеродром „Адолфо Суарез“ Мадрид-Барахас по средбата во IFEMA со волонтерите кои служеа на различните настани во шпанската престолнина во текот на изминатите четири дена.

Пред заминувањето, Папата беше поздравен од кардиналот Хозе Кобо Кано, надбискуп на Мадрид, како и од цивилни и воени власти и од персоналот на аеродромот.

Авионот, во кој патуваат Папата и 80 новинари, ќе помине нешто повеќе од 500 километри до меѓународниот аеродром „Хосеп Тараделас“ Барселона-Ел Прат.

Папата Лав XIV ќе биде пречекан од претставници на Генералитетот на Каталонија, а потоа, по кратка приватна средба во ВИП-салонот, со автомобил ќе отпатува околу 15 километри до катедралата „Свети Крст и света Евлалија“, седиштето на Барселонската надбискупија, каде што ќе се одржи пладневната молитва.

Во каталонската метропола се предвидени шест средби со Папата. Тој ќе ја напушти Барселона во четврток наутро, кога ќе се упати кон Лас Палмас де Гран Канарија, на архипелагот Канарски Острови.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот