На подрачјата каде има конфликт околу 4,5 милиони деца помали од 5 години страдаат од тешка неисхранетост, а 27 милиони немаат можност за образование.
Секоја војна е војна против децата – рекла во 1919 година основачката на меѓународната организација „Save the Children“ која веќе стотина години се бори за децата да ги сочува од опасностите и да им обезбеди иднина. Во светот секое шесто дете е погодено од војна или од нејзините последици. Децата кои живеат на подрачја каде има конфликт или се принудени да бегаат во други земји сами или со своите семејства страдаат од тешките последици или смрт заради недостаток на медицинска грижа или заради глад. Иднината на тие деца исто така е загрозена заради немањето можност за образование и заради траумите предизвикани од насилството, искористувањето и во случај на девојче прерано мажење.
10 подрачја кои најтешко се погодени од конфликти
Две од три деца кои страдаат од хронична неисхранетост се наоѓаат во земји во кои има војна, додека на 10 подрачја кои најтешко се погодени од конфликт односно во Демократска Република Конго, Судан, Авганистан, Јемен, Сомалија, Јужен Судан, Сирија, Нигерија, Централноафриканската Република и Ирак, повеќе од 4,5 милиони деца помлади од пет година (20% повеќе во однос на 2016 година) се погодени од тешка акутна неисхранетост. Во Јемен околу 120.000 деца моментално се наоѓаат во катастрофални услови, со голем ризик од смрт заради прехранбената криза која е резултат на воениот конфликт во таа земја.
Нема можност за образование
Околу 27 милиони деца немаат можност за образование затоа што нивните училишта се мета на напади или се окупирани од вооружените групи, или пак затоа што родителите стравуваат за нивниот живот и не сакат да ги праќаат на училиште. Немањето можност за образование го зголемува ризикот од зголемување на процентот на детскиот труд, што во подрачјата каде има конфликт го надминува светскиот просек за 77%.
Бракот како бегство од злупотребата и насилството
Девојчињата во земјите погодени од војна се принудени на предвремен брак за да избегнат злоупотреба и насилство. Во Јемен уделот на невести деца е поголем од 2/3 од вклупниот број млади во земјата, што отприлика за 15% е повеќе во однос на периодот пред ескалацијата на конфликтот. Меѓу сириските бегалци во Јордан процентот на девојки омажени пред навршени 18 години во периодот од 2011 до 2014 година речиси е троен.
Да се заштитат децата
Даниела Фатарела помошен директор на италијанската подружница на организацијата „Save the Children“ рече дека ниту едно дете не смее да биде жртва на насилство, страв и трауми кои можат да имаат сериозни последици на телесниот и менталниот развој. Основните човекови права и меѓународното право кои би требало да ги штитат децата од уништувачките последници на војната, непрекинато и неказнено се прекршуваат. Владите во целиот свет, како што нагласи папата Фрањо во пораката за Светкиот ден на мирот, можат и мора да направат сè што е во нивна моќ за да му стават крај на тоа неприфатливо насилство. Посебно бараме сите деца да се заштитат од убивање и било какво оштетување, училиштата и болниците да бидат безбедни места за децата и секое дете погодено од војната да ја добие потребната поддршка за да може да ја гради својата иднина – рече Даниела Фатарела.
Ватикан њуз/к.мк