Amoris laetitia: Ново навестување на Евангелието со семејствата и за семејствата

Amoris laetitia: Ново навестување на Евангелието со семејствата и за семејствата

На 7 октомври папата Лав XIV ќе ја отвори средбата со поглаварите на Источните католички цркви и претседателите на бискупските конференции, по повод десетгодишнината од Апостолскиот поттик Amoris laetitia на папата Фрањо. Деталите за средбата беа претставени во Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

„Основното прашање е како со нова сила да се обнови пасторалната грижа и семејствата уште повеќе да бидат активни учесници во животот и мисијата на Црквата.“

Со овие зборови Габриела Гамбино, потсекретарка на Дикастеријата за лаици, семејство и живот, ја објасни смислата на средбата на папата Лав XIV со поглаварите на Источните католички цркви и претседателите на бискупските конференции, насловена „Десет години по Amoris laetitia: да го навестуваме Евангелието со семејствата денес“.

Средбата ќе се одржи од 7 до 14 октомври во салата Павле VI во Ватикан.

На прес-конференција одржана на 2 октомври 20206 година во Канцеларијата за печат на Светиот Престол беа претставени деталите за иницијативата што ја посака Папата. Станува збор за средба зад затворени врати, на која ќе учествуваат 187 лица.

Од нив, 115 доаѓаат од бискупските конференции, претставени од 111 претседатели и четворица делегати. Четиринаесет се кардинали кои претседаваат со бискупски конференции, двајца се претставници на епископати без бискупска конференција, а 15 доаѓаат од Источните католички цркви sui iuris.

На средбата ќе присуствуваат и 22 гости поканети од Папата, 11 лица задолжени за организацијата, како и 11 брачни двојки и семејства.

Имињата на последните 22 учесници, кои доаѓаат од пет континенти, не се објавени од почит кон нивните лични приказни и за да им се обезбеди поголема слобода во споделувањето на искуствата.

Слушање и духовно расудување

Исусовецот отец Џакомо Коста, советник на Генералниот секретаријат на Синодата и одговорен за методологијата на средбата, објасни дека ова не е Синода, ниту продолжение на некоја претходна Синода.

Напротив, станува збор за можност да се слушне гласот на Црквата во време на големи промени.

Гамбино ја нагласи потребата од пат обележан со слушање и духовно расудување, кој произлегува од потребите што епископите ги изразувале во последните години за време на посетите ad limina, како и од загриженоста поради „тешкотиите што се среќаваат во пасторалната работа и предизвиците со кои семејствата се соочуваат во своите односи и во секојдневниот живот“.

Претставените податоци укажуваат и на значајна културна промена која е во тек.

Во Полска, на пример, бројот на црковни бракови во последните пет години се намалил за 45 проценти. Во Австралија, пак, уделот на таквите бракови се намалил од 88 проценти во 1970 година на 16 проценти во 2024 година.

„Тоа се знаци кои, и покрај различноста на контекстите, укажуваат на итната потреба да се придружува одлуката за брак и поодлучно да се поддржи пренесувањето на верата во семејството“, рече потсекретарката.

Пасторален пристап што започнува уште пред бракот

Гамбино ја истакна важноста на пасторалниот пристап што треба да започне уште пред склучувањето на бракот и да ги придружува луѓето во текот на целиот живот, особено во периодите на криза.

Поради тоа, петте теми најавени во јули ќе бидат разработувани во светло на промените што ги засегаат семејствата.

Тие се однесуваат на реалноста на денешните семејства, обележана и со убавина и со предизвици; младите и откривањето на повикот за брак; првите години од брачниот живот; придружувањето и поддршката во сложени ситуации; како и христијанските семејства како активни носители на мисијата на Црквата.

На овие точки се осврна и Ориета Ракеле Грациоли, професорка по канонско и споредбено семејно право на Папскиот теолошки институт „Иван Павле II“ за науки за бракот и семејството и заменик-координаторка на експертите за време на средбата во Ватикан.

Таа ја истакна и креативноста што многу семејства ја покажале во последните години во средините во кои живеат и работат, „со даровите на благодатта примени во Светата Тајна Брак“.

Според Грациоли, слушањето и духовното расудување, како клучни зборови на средбата, ќе бидат и двата главни патишта по кои ќе се движат експертите повикани да придонесат со своето знаење.

„Ако треба да зборуваме за надеж, тогаш тоа би било да се поврзат сите нишки што ќе ги создадат слушањето и меѓусебниот дијалог, за секој претставен локален контекст да може да направи чекор напред во придружувањето на семејството, солта на земјата“, рече таа.

Молитвата како дел од методот

Пристапот заснован на дијалог и размена ќе биде видлив и во структурата на самите денови.

На 7 октомври папата Лав XIV ќе ја отвори работата по медитацијата на сестрата доминиканка Хелен Алфорд, претседателка на Папската академија за општествени науки.

Отец Коста објасни дека времето посветено на молитва е „дел од методата“.

„Не е доволно само да собереме информации и да ги споредуваме ставовите. Треба да се подготвиме да го слушаме Словото, другите луѓе и она што Светиот Дух може да го поттикне преку дијалогот“, рече тој.

Во текот на петте тематски денови наизменично ќе зборуваат семејства, епископи и експерти.

Во работните групи ќе се менуваат моменти на говорење, слушање и тишина. Преку споделување на личното искуство, размислување за она што го кажале другите и заедничко разгледување на она што произлегло од разговорите, учесниците ќе ги утврдуваат точките на согласување, но и разликите, тензиите, отворените прашања и можните следни чекори.

„Нема да настојуваме да ги отстраниме разликите само за да постигнеме согласност. Дури и разликата што подобро сме ја разбрале може да биде плод на слушањето“, рече отец Коста.

Потоа ќе следи кратко известување пред целото собрание, што ќе отвори простор за понатамошен пленарен дијалог.

Извештај, а не нов завршен документ

Организаторите нагласија дека она што ќе произлезе од деновите на средбата ќе биде собрано во извештај, но тој „нема да биде нов Завршен документ“ што би го заменил Апостолскиот поттик Amoris laetitia.

Документот што папата Фрањо го потпиша во 2016 година беше плод на двете Синоди за семејството, Вонредната синода од 2014 и Редовната синода од 2015 година.

Новиот извештај ќе биде синтеза подготвена од посебна комисија, по што ќе биде разгледан од учесниците на средбата и доставен до Папата.

Резултатите од средбата ќе бидат достапни и за јавноста, а новинарите во текот на деновите ќе бидат информирани преку повеќе брифинзи.

Десет години по Amoris laetitia, посветеноста на Црквите, како што беше нагласено на прес-конференцијата, е подобро да разберат како семејствата можат и понатаму да бидат места на евангелизација, „и покрај војните што ги промениле, миграциите што ги разделиле и здравствените кризи што ги погодиле“.

Намерата е да се отворат нови патишта, родени од слушањето и духовното расудување, за Евангелието денес повторно да се навестува на семејствата и заедно со семејствата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот