Папата Фрањо, на петгодишнината од објавата на Апостолскиот поттик за љубовта во семејството, ја прогласи Годината на „Семејството Amoris Laetitia“ која трае до 10. Светска средба на семејствата во Рим во јуни 2022 година. Овој период е „можност да се продлабочи содржината на документот Amoris Laetitia“, истакнува Римскиот бискуп. Во оваа прилика, теологот Бранко Јуриќ за Ватикан њуз пишува за документот на Папата, во кој се зборува за љубовта во семејството.
На 8 април 2016 година излезе долгоочекуваниот постсинодален Апостолски поттик на папата Фрањо Amoris Laetitia, за љубовта во семејството.
Станува збор за важен документ од повеќе причини. Тоа е документ кој го ажурира објавениот Апостолски поттик Familiaris Consortio (1981) на Свети Иван Павле II, објавен пред 40 години. Папата Фрањо го прогласи својот претходник за светец и го призна неговото учење, но поттикнат од повиците на Божјиот народ – реши да го осовремени (aggiornamento), што е и смислата на свикување на нови Епископски синоди и објавување на нови Папски документи.
Нови акценти во говорот за семејството
Станува збор, пред сè, за нов акцент во говорот за семејството и во пасторалната грижа за семејствата, како и за стил на изразување што настојува да биде поблизок до современите генерации. Кога станува збор за бракот и семејството, Католичката црква во текот на изминатиот век на многумина остави впечаток на институција која во голема мера инсистира на правила и идеали, игнорирајќи ги донекаде „несовршените семејства“ кои сосема не се совпаѓаат со традиционалната семејна институција. Ова е нешто што папата Фрањо добро го знае, па реши да свика две Синоди за семејството и да го објави постсинодалниот документ Amoris Laetitia, секогаш верен на учењето на Евангелието.
Синодалниот óд ги проширува хоризонтите
Папата учи дека „традицијата на Црквата е секогаш во движење“, што значи дека таа треба да биде „не обожување на пепел, туку пренесување на оган“. Оние кои традицијата ја претвораат во традиционализам стануваат фундаменталисти чија носталгија е враќање во пепел. Традицијата се корените кои гарантираат дека дрвото расте, цвета и дава плод. Затоа папата Фрањо со задоволство го цитира аргентинскиот поет кој вели дека сè што цвета на дрво живее од она што е закопано („Lo que el árbol tiene de florido vive de lo que tiene sepultado“, Франциско Луис Бернардез, 1900-1978).
„Синодалниот óд ни овозможи да ја разгледаме ситуацијата на семејствата во денешниот свет, да ги прошириме нашите погледи и да ја оживееме нашата свест за важноста на бракот и семејството“, пишува во воведот Римскиот бискуп. „Во исто време, сложеноста на предложените теми ни ја покажаа потребата да продолжиме слободно да продлабочуваме некои доктринарни, морални, духовни и пасторални прашања“ (AL 2).
Апостолски поттик после две синоди
Amoris Laetitia е важен документ токму поради тоа што е постсинодален Апостолски поттик, односно текст напишан од Папата земајќи ги предвид дискусиите и заклучоците на Синодата свикана во октомври 2014 и октомври 2015 година. Ова ја објаснува неговата неизбежна опсежност. Затоа Папата во воведот не препорачува текстот да се чита површно и на брза рака. „Семејствата и оние кои се вклучени во пасторална грижа со семејствата најмногу ќе имаат корист ако трпеливо и внимателно читаат дел по дел или ако бараат и обрнуваат внимание на оние делови што одговараат на нивните конкретни потреби. Многу е веројатно дека, на пример, брачните парови ќе се препознаат повеќе во четвртото и петото поглавие, додека пасторалните работници ќе бидат посебно заинтересирани за шестото поглавје и дека сите осмото поглавие ќе го доживеат како предизвик и поттик за преиспитување“ (AL 7).
Времето е поважно од просторот
Потсетувајќи дека времето е поважно од просторот, папата Фрањо потврдува дека не треба да се решаваат сите доктринарни, морални или пасторални прашања преку интервенција на учителствотот. Во Црквата, се разбира, е потребно единство на учењето и праксата, но тоа не исклучува различни начини на толкување на некои видови учење или некои последици што произлегуваат од тоа. Така ќе биде сè додека Духот не нè упати кон сета вистина (сп. Иван 16, 13), односно додека целосно нѐ воведе во Христовата тајна, кога сè ќе гледаме со неговите очи (AL 3).
Папата Фрањо отсекогаш посветувал големо внимание на потребата класичните морални прашања да се вклопат во рамките на неидеализираниот поглед на реалноста на човечкото битие, како и во големите општествени и економски прашања на нашето време. Папата Фрањо е пред сѐ пастир, но е и антиидеолог.
Во пресрет на сите, без исклучок
Како и неговите претходни документи, Апостолскиот поттик Evangelii Gaudium за навестување на Евангелието во денешниот свет, објавен во ноември 2013 година и енцикликата Laudato si, за грижата на заедничкиот дом, објавена во мај 2015 година, Апостослкиот поттик Amoris Laetitia е многу верен на Евангелието и мислата на папата Фрањо, кој не се двоуми да го покаже правецот на Црквата, која излегува, посебно во пресрет на ранетите семејства и поединци – затоа што Црквата „мора да се угледа на Божјиот Син, кој оди во пресрет на сите без исклучок“ (AL 309).
Милосрдието – одговор на знаците на нашето време
Познатиот теолог кардинал Валтер Каспер, во првите страници од својата книга „Пораката на Amoris Latitia“ (2018) нагласува дека овој поттик не е нова доктрина, туку креативна обнова на традицијата чија вредност секогаш треба да се преточува во сегашната ситуација. Тоа е смислата на ‘осовремнувањето’ за кое зборуваше папата Иван XXIII. Теологот забележува дека јазикот на овој документ е сосема јасен и дека Божјиот народ е многу радосен и задоволен од поттикот кој дава место на слободата и на разбирлив начин ја толкува сржта на христијанската порака. Додека на земјата одново го преживуваме времето на насилство и како резултат на тоа многу луѓе се ранети, исто така и во браковите, кардиналот Каспер потсетува дека на луѓето им треба милосрдие, разбирање и сочувство. Токму милосрдието е одговор на знаците на нашето време.
Великодушност, посветеност, верност и трпение
Овој Апостолски поттик добива посебно значење во контекст на вонредната јубилејна година на милосрдието (2016). Првенствено затоа што е покана до христијанските семејства да ги ценат даровите на бракот и семејството и да ја одржат љубовта силна и исполнета со вредности како што се великодушноста, посветеноста, верноста и трпението. Дополнително, Апостослкиот поттик се стреми да ги охрабри сите луѓе да бидат знаци на милосрдие и близина каде што семејниот живот не е совршен или во него нема мир и радост (AL 5).
Ватикан њуз/к.мк