Молитвен бран за духовни звања започнува во Скопје, а ќе заврши во Струмица
Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов, ги повика духовенството и верниците од Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија да се вклучат во заеднички молитвен бран за нови свештенички, монашки и други духовни звања.
Иницијативата е поттикната од повикот на папата Лав XIV, упатен на 6 ноември 2026 година во катедралата во Монтевидео. Во молитвениот бран, кој ќе се одржува во текот на Адвентот и Божикниот пост, ќе се вклучат парохии, монашки заедници, Македонски Каритас и Радио Марија.
Во својот повик монс. Стојанов потсетува и на Христовите зборови „Жетвата е голема, а работници малку. Молете Го Господарот на жетвата да испрати работници во Својата жетва“. Како поттик го посочува и искуството на Црквата во Уругвај, каде по период на молитва и пост за духовни звања повеќе млади започнале формација во семинаријата и во посветениот живот.
Молитвениот бран ќе започне на 30 ноември 2026 година во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, а ќе заврши на 25 декември во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. Секоја парохија, монашка заедница и црковна институција ќе преземе определен ден за еден час молитва со евхаристиско обожавање, придружена со пост и лично дело на покора за оваа накана.
Монс. Стојанов ги повика младите, семејствата и сите верници да се приклучат на заедничката молитва, потсетувајќи дека молитвата за нови звања е постојана грижа на целата христијанска заедница.
„Нека ова заедничко молитвено дело биде израз на нашата доверба дека Господ и денес повикува, а Црквата со молитва подготвува срца способни великодушно да Му одговорат“, стои во повикот на монс. Стојанов.
к.мк

