Папата Лав XIV воспостави нова служба за затворската пасторална грижа

Папата Лав XIV воспостави нова служба за затворската пасторална грижа

Папата Лав XIV со апостолското писмо Motu Proprio „In carcere eram, et venistis ad me“ воспостави нова Служба за унапредување на затворската пасторална грижа, поврзана со Дикастеријата за промовирање на интегралниот човечки развој. Со документот е укината досегашната Меѓународна комисија за католичка затворска пасторална грижа.

Новата структура треба да овозможи пофлексибилна и поефикасна координација на пасторалната грижа за лицата лишени од слобода, како и подобра формација и поддршка за оние што служат во затворите. Папата нагласува дека времето поминато во затвор, и покрај осаменоста и изолацијата, може да стане и време на благодат и спасение.

Насловот на документот се повикува на Христовите зборови од Евангелието според Матеј „Бев во затвор и дојдовте кај Мене“. Токму овие зборови Папата ги поставува како темел на затворската пасторална грижа, потсетувајќи дека Христос се поистоветува со оние кои се наоѓаат на маргините.

„Да се препознае лицето Господово во најзаборавените периферии на светот е постојан предизвик“, пишува папата Лав XIV. Според него, затворската пасторална грижа бара и духовно и теолошко созревање, како и способност Црквата да одговори на различните културни и општествени околности.

Новата служба ќе дејствува како мрежа за пасторална соработка меѓу помесните Цркви, бискупските конференции, регионалните и континенталните црковни структури и Источните католички цркви. За нејзин прв координатор Папата го именуваше надбискупот на Буенос Аирес, Хорхе Игнасио Гарсија Куерва. Неговиот мандат ќе трае пет години, а во работата ќе му помагаат најмалку тројца советници со искуство во затворската пасторална грижа.

Меѓу задачите на службата се промовирањето на пасторалната грижа во затворите на универзално ниво, придружувањето на помесните Цркви, поттикнувањето теолошка и духовна рефлексија, формацијата на пасторалните работници, дијалогот со граѓанските институции и заштитата на достоинството на лицата лишени од слобода.

Папата посебно нагласува дека проблемот на затворите го засега целото општество и дека никој не е исклучен од Божјата љубов. Секој човек, и покрај своите грешки, историја и страдања, останува драгоцен во Божјите очи.

Новата служба треба да придонесе и кон поголема хуманизација на затворските политики, преку соработка, размена на искуства, формација и подобро поврзување меѓу оние кои делуваат во ова пасторално поле.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот