Во Битола се одржа литија низ Широк Сокак со чудотворната икона на Пресвета Богородица Утешителка Паљурска
Во сабота, 21 ноември 2026 година, во Битола се одржа ходочестие со чудотворната икона на Пресвета Богородица Утешителка Паљурска, на кое учествуваа членови на монашките заедници на сестрите Усмиленки, сестрите Евхаристинки и сестрите на Божјата љубов, верници од парохиите на Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија, припадници на црковните движења Мариино дело и Неокатехуменски пат, членови на Редот на Свети Лазар, како и бројни ходочесници од различни краишта на Македонија.
Свеченоста започна со прием и внесување на чудотворната икона во црквата „Пресвето Срце Исусово“ во Битола. По приемот, отец Зоран И. Стојанов се осврна на историјата на светилиштето во Паљурци, развојот на побожноста кон Пресвета Богородица Утешителка и значењето што светилиштето го има за католичките верници во Македонија.
Во продолжение свое сведоштво сподели Барбара Вуковиќ, која зборуваше за моменти од својот живот во кои на посебен начин ја почувствувала помошта и близината на Пресвета Богородица. Катехезата ја одржа отец Гжегож Худек, кој говореше за целта на христијанскиот живот, вечниот живот во заедништво со Бога.
Пред почетокот на Светата Литургија, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов ја измоли посветителната молитва пред чудотворната икона на Мајка Божја Утешителка Паљурска. Потоа, во сослужение со парохот дон Томаш Бак, ректорот на светилиштето во Паљурци, протојереј-ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, како и свештеници од Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија, го започна евхаристиското славење. Литургиското пеење го предводеше Катедралниот хор од Скопје, заедно со членови на битолскиот хор.
Во проповедта епископот Стојанов најнапред се осврна на свадбата во Кана, каде Пресвета Богородица прва ја забележува потребата на луѓето, ја принесува пред својот Син и ги упатува кон Него со зборовите „Сè што ќе ви рече, направете!“ Тој истакна дека токму во тие зборови се открива улогата на Марија во животот на Црквата. Таа го гледа човекот во неговата потреба, го носи пред Христос и го упатува кон Него. Во таа светлина, рече епископот, треба да се разбере и Богородица Утешителка, како Мајка која ја познава човечката болка и останува близу до човекот во миговите на несигурност, страдање и загуба.
Потоа се наврати на почетоците на побожноста кон Богородица Утешителка во Паљурци. Потсети дека на почетокот од XX век, кога населението во тој крај било погодено од маларија, сестра Еврозија Алоати дала завет на Пресвета Богородица и молела за заштита на народот. На Чуката била изградена црква во чест на Богородица Утешителка, а Амалија Гросо ја насликала иконата „Консолата“, според истоимената икона почитувана во Торино.
Монс. Стојанов посебно се задржа на пораката за единството на Црквата што ја носи самата икона. Нејзиниот праобраз се почитува во западната традиција, додека иконографскиот израз го носи духот на источната црковна традиција. Во Македонија таа добила посебно место меѓу католиците од византиски обред. Епископот нагласи дека верниците од источниот и западниот обред, со своите различни литургиски изрази и духовни традиции, стојат во истата вера пред истиот Христос и пред неговата Мајка. Во тој контекст ги спомна и зборовите на свети Павле за „едно тело и еден Дух“, „еден Господ, една вера и едно крштевање“.
Ходочестието епископот го поврза и со празничниот ден. Потсети дека на 21 ноември западната црковна традиција го празнува Воведението на Пресвета Богородица во храмот, додека во источната традиција се празнува Соборот на светиот Архангел Михаил и сите небесни бестелесни сили. Во двете духовни слики, Богородица во Божјиот храм и ангелите пред Божјиот престол, тој го препозна истиот повик на човекот за Божјата близина.
Во таа смисла, монс. Стојанов потсети и на сликата од Книгата Откровение за небесната литургија, во која ангелите, светиите и спасениот Божји народ заедно го слават Бога. Токму од оваа перспектива го објасни и значењето на ходочестието. Верниците, рече тој, не дошле само да се восхитуваат на една стара икона, туку како ходочеснички народ кој знае дека неговата конечна татковина е кај Бога.
Епископот потсети дека и самата Пресвета Богородица го поминала патот на верата, од Назарет до Витлеем, од Кана до Голгота и потоа до Горната одаја со апостолите. Затоа, нагласи тој, Марија знае што значи да се оди со Бога и во радоста и во неизвесноста.
Осврнувајќи се повторно на историјата на Паљурци, монс. Стојанов потсети дека црквата на Чуката била разурната во 1917 година за време на борбите на Дојранскиот фронт. Според преданието зачувано меѓу верниците и сестрите Евхаристинки, иконата на Пресвета Богородица Утешителка била пронајдена меѓу урнатините сочувана и неоштетена, а потоа била пренесена во Гевгелија, каде што се чува и денес. „Војната го уништила храмот, но не успеала да ја уништи верата“, нагласи епископот.
Тој истакна дека и по разурнувањето на храмот народот продолжил да доаѓа во Паљурци, да се моли и да ѝ ги доверува на Мајката Божја своите семејства, болести, стравови и надежи. Се осврна и на сведоштвата за примени милости и услишани молитви, поради кои Паљурци за многумина станало место каде човекот доаѓа со својата мака, а си заминува со нова надеж.
Во завршниот дел од проповедта, монс. Стојанов потсети дека во октомври 1908 година епископот Епифаниј Шанов пред оваа икона го доверил македонскиот народ под заштита на Мајка Божја Утешителка. Сто и десет години подоцна, во 2018 година, монс. Стојанов ја осветил возобновената црква на Чуката и повторно го доверил македонскиот народ на нејзиното застапништво. Во тој дух, ги повика верниците повторно да ѝ ги доверат своите семејства, младите, болните, оние што ја изгубиле надежта, парохиите и целата Црква.
Епископот повторно се наврати на единството, потсетувајќи на Христовата молитва неговите ученици да бидат едно. Тој нагласи дека заедништвото на верниците од источниот и западниот обред, собрани пред една иста Мајка, го прави тоа единство видливо и ги води сите кон Христос.
На крајот од проповедта монс. Стојанов ја повика Мајката Божја да го води народот кон Христос, да го соедини она што е разделено, да го утеши она што е рането и да ги принесе пред својот Син молитвите што верниците ги носат во своите срца. Погледот го насочи и кон конечната цел на христијанското ходочестие, небесниот Ерусалим и небесната литургија, каде со светиот Архангел Михаил, ангелските сили и сите светии целиот Божји народ ќе го слави Бога во полно заедништво.
По Светата Литургија, чудотворната икона на Пресвета Богородица Утешителка Паљурска беше изнесена во свечена литија низ Широк Сокак, во која се вклучија свештениците, монашките заедници и бројните ходочесници.
На крајот епископот Стојанов се заблагодари на дн Томаш Бак и протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, како и на сите оние кои дадоа свој придонес во организацијата на овој молитвен настан.
аСо благослов од епископот Стојанов под Крстот во паркот и пред иконата на Богородица Паљурска Утешителка заврши ходочестието во Битола.
к.мк

