Папата Лав: Мирот се раѓа од личната средба со Христос

Папата Лав: Мирот се раѓа од личната средба со Христос

На средбата со Католичката заедница „Шалом“, папата Лав XIV потсети дека Христос е изворот на секој вистински христијански мир, кој потоа се претвора во конкретно делување во општеството.

Папата Лав XIV во четврток, 19 ноември 2026 година, ги прими на аудиенција членовите на Католичката заедница „Шалом“, која ја одбележува 45-годишнината од своето основање.

На почетокот Папата ги поздрави основачот Мојзес Лоуро де Азеведо и коосновачката Емир Ногеира и им се заблагодари за нивната служба во харизматската заедница основана во Бразил.

Осврнувајќи се на името шалом, што на хебрејски значи „мир“, папата Лав истакна дека мирот значи многу повеќе од општествено дејствување или политичко помирување. За христијаните, неговиот извор е во Воскреснатиот Христос.

„Како што Тој, преку Својата победа над гревот и смртта, им го даруваше мирот на учениците, така и за вас мирот е пред сè искуство на помирување и длабока утеха што произлегува од навестувањето на Исус“, рече Папата.

Искуството на мирот ја поттикнало заедницата својата радост да ја споделува со светот и да Го навестува Исус преку пријателство и доверба.

Папата Му заблагодари на Бога за плодовите на Католичката заедница „Шалом“ и ги охрабри нејзините членови да излегуваат меѓу луѓето, особено меѓу младите, и „со радост да сведочат за својот христијански идентитет“.

Тој истакна дека Црквата е благодарна за програмите за духовна формација на заедницата, кои им помагаат на луѓето да растат во верата и молитвата и да стануваат орудија на мирот преку контемплацијата и единството.

„Благодарни сме и за вашите центри за евангелизација, кои го навестуваат Евангелието во многу земји, за бројните звања за свештенство и брак, како и за присуството во заедницата на трите животни состојби, свештеници, брачни двојки и оние што живеат во целибат заради Царството Небесно“, додаде Папата.

Папата Лав потоа се осврна на духот на верата што ја карактеризира заедницата „Шалом“, која настојува да остане понизна и отворена за промени, барајќи начини за подобрување на своето дејствување и управување.

Тој ги охрабри членовите постојано да го насочуваат погледот кон Христос, за Тој да остане во центарот на сè.

„На крајот, сè мора да води кон Христос и да им служи на оние што ги придружуваме, помагајќи им да Му се приближат на Бога и да го откријат својот повик, почитувајќи ги нивната слобода и совест“, рече Папата.

Потсетувајќи дека времињата се промениле од периодот кога заедницата била основана во осумдесеттите години, папата Лав истакна дека најдлабоките копнежи на младите остануваат исти. Тие и денес бараат вистинска љубов и автентична убавина, водени од длабокиот копнеж по Бога.

На крајот, папата Лав ја повика заедницата „Шалом“ со обновена ревност да продолжи со евангелизацијата на младите и семејствата, потсетувајќи дека денешните млади членови еден ден ќе создадат свои семејства и ќе бидат повикани да ја пренесуваат верата на следните поколенија.

„Пред вас, затоа, се отвора огромно мисионерско поле. На многу млади им е потребно придружување за да стигнат до средба со Господ Исус!“, порача папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот