Божиќната елка на плоштадот „Свети Петар“ ќе биде осветлена на 7 декември во 17.30 часот, а светилките ќе ги запалат деца кои се лекуваат на онколошките одделенија во неколку италијански болници. Во истиот момент ќе биде осветлена и познатата светлосна елка во Губио, град тесно поврзан со Свети Фрањо Асишки.
Овогодишната елка на плоштадот „Свети Петар“ е бела ела висока 24 метри и тешка 7,5 тони. Таа потекнува од шумата Куњо дел’Ачеро во Националниот парк Полино, во јужна Италија, а во Ватикан пристигна на 19 ноември.
Дрвото е подарок од општината Теранова ди Полино, а според надлежните шумарски служби, изборот и отстранувањето на елатa се дел од планот за природно обновување на шумата и се спроведени во согласност со принципите на одржливост.
Елката ќе биде украсена со повеќе од 50.000 ЛЕД-светилки, како и со украси изработени од деца во рамките на иницијативата „Светот што би го сакал“. Во работилниците за терапија со керамика на Фондацијата „Лене Тун“, децата преку своите изработки ги претставиле сопствените надежи, мисли и желби.
По завршувањето на божиќниот период, дрвото ќе биде преработено и искористено за изработка на предмети со социјална, уметничка и литургиска намена. Иницијативата е дел од настојувањата за промовирање на циркуларната економија и грижата за создадениот свет.
Паралелно со поставувањето на елката, на плоштадот „Свети Петар“ се подготвуваат и овогодишните божиќни јасли. Поставката, насловена „Големата тајна“, е дар од Надбискупијата Киети-Васто и е создадена во соработка со повеќе здруженија и институции.
Во нејзината изработка учествувале и затвореници вклучени во програми за образование и стручно оспособување, како и 90 општини и сите 146 парохии од Надбискупијата Киети-Васто.
Фигурите во природна големина и амбиентот ќе го претстават Витлеем во времето на Христовото раѓање, а поставката е замислена како порака за солидарност, гостопримство и надеж.
Посебни божиќни јасли ќе бидат поставени и во салата „Павле VI“, каде што мајсторите од Карневалот во Вијареџо ќе создадат морска сцена, со Тројцата мудреци претставени како морепловци кои носат дарови од Средоземното Море.
к.мк

