Кардинал Гуџероти: Црквата во Газа е скинија на христијанството

Кардинал Гуџероти: Црквата во Газа е скинија на христијанството

Кардиналот Клаудио Гуџероти, префект на Дикастеријата за Источните цркви, за време на првиот ден од својата пасторална посета на Светата Земја разговараше преку видео повик со отец Габриел Романели и христијанската заедница во Газа, опишувајќи ја парохијата „Свето Семејство“ како „агол од рајот опкружен со пекол“.

Разговорот се одржа во Латинската патријаршија во Ерусалим, во присуство на католичките епископи од регионот и латинскиот патријарх, кардиналот Пјербатиста Пицабала.

Отец Романели ја опиша состојбата во Газа како исклучително тешка. И покрај прекинот на огнот, насилството продолжува, а бомбардирањата и понатаму претставуваат закана за населението. Повеќе од два милиони луѓе живеат во услови на сериозен недостиг од вода, електрична енергија и основни средства за живот.

Неодамнешните дождови дополнително ја влошија состојбата, поплавувајќи шатори и импровизирани засолништа. Хуманитарната помош пристигнува, но количините и понатаму се недоволни за потребите на населението.

Во Газа остануваат 539 христијани, од кои 105 се католици. Парохијата „Свето Семејство“ продолжува да обезбедува вода за пиење, медицинска помош и образование. Парохиското училиште, кое пред војната имало 300 ученици, денес згрижува повеќе од илјада деца и е едно од ретките места каде што образовниот процес сè уште продолжува.

Покрај материјалната помош, отец Романели ја истакна важноста на духовниот живот. Евхаристијата, молитвата, обожавањето, посетите на болните и средбите со семејствата продолжуваат и во услови на уништување и несигурност.

Кардиналот Гуџероти му порача дека сведоштвото на христијанската заедница во Газа е силен знак за целата Црква.

„Секој ден го допирате живото тело Исусово, а токму тоа е мисијата на Црквата“, рече кардиналот, нагласувајќи дека Христос е присутен и во Евхаристијата и во сиромашните и страдалниците.

Тој упати апел хуманитарната помош што останува блокирана да стигне до населението и потсети дека милосрдието е одговор на омразата.

„Ниедна вера не може да прави планови за смрт во името на Бога“, порача кардиналот.

Кардиналот Гуџероти им ја вети на христијанската заедница близината на Светиот Престол и благословот на папата Лав XIV.

„Вие сте спасение за некои кои без вас можеби не би преживеале. Станавте икона за целиот свет“, рече тој, додавајќи дека Црквата во Газа претставува живо сведоштво на верата, милосрдието и надежта.

к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот