Папата Лав XIV замина од Перу и му заблагодари на Бога за „изобилните благодати“ од патувањето

Папата Лав XIV замина од Перу и му заблагодари на Бога за „изобилните благодати“ од патувањето

Папата Лав XIV во понеделник попладне, 16 ноември 2026 година го напушти Перу и отпатува за Рим, со што го заврши своето апостолско патување во Јужна Америка, кое започна на 6 ноември и ги опфати Уругвај, Аргентина и Перу.

Папскиот авион полета од воздухопловната база Калао во Лима во 14.28 часот по локално време, а пристигнувањето на аеродромот Фјумичино во Рим е предвидено за вторник, 17 ноември, во 10.25 часот.

Пред заминувањето, папата Лав XIV учествуваше на свечена церемонија на испраќање во присуство на претставници на државните и црковните власти.

На крајот од Светата Литургија што ја служеше во Лима, Светиот Отец ја изрази својата благодарност за деновите поминати во Перу.

„Како што мојата посета се приближува кон крајот, нема зборови со кои можам да ја изразам мојата голема благодарност кон Господ за изобилните дарови и благодати што ги излеа врз нас во текот на овие денови што ги поминавме заедно. Ти благодарам, Перу!“, рече Папата.

Тој им се заблагодари на државните и црковните власти, организаторите, соработниците и волонтерите, како и на сите луѓе и заедници што придонесоа за реализацијата на апостолското патување.

Благодарност упати и до сите што учествуваа на средбите, лично или преку медиумите, без разлика дали живеат во крајбрежните подрачја, во планините или во Амазонија.

„Се чувствував како дома, а вие ме потсетивте дека Црквата навистина е семејство“, рече папата Лав.

Потсетувајќи на својата долгогодишна служба во Перу, тој додаде дека токму таму научил како да биде епископ, а за време на ова патување стекнал уште подлабоко искуство за својата служба како наследник на Свети Петар.

Папата, кој од 2015 до 2023 година беше епископ на Чиклајо, а претходно повеќе од две децении служеше во Перу како мисионер, рече дека со себе ќе ги понесе спомените од средбите со луѓето ширум земјата.

Тој ги спомна насмевките на децата, радоста на младите, топлината на семејствата и нежноста на бабите и дедовците кои учествуваа на бројните средби и литургиски славења.

Според Папата, песните, традиционалните танци и молитвената атмосфера уште еднаш го потврдиле неговото уверување дека мисијата на Црквата треба да стигне до секој човек.

„Дојдов да ви го навестувам Христос, а заминувам со сведоштвото на верата и посветеноста на кои отсекогаш сум им се восхитувал кај вас“, рече тој.

Папата ги охрабри Перуанците да продолжат заедно да го следат Исус Христос, кого го нарече „Патот, Вистината и Животот“.

На крајот Светиот Отец го довери перуанскиот народ на застапништвото на Пресвета Богородица и на светците.

„Господ да те благослови, Перу! Нека Марија те покрие со својот покров!“, порача папата Лав XIV пред заминувањето.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот