Апостолското патување на папата Лав XIV во Перу продолжи со низа средби и литургиски славења во северниот дел на земјата, каде што Светиот Отец се врати на места тесно поврзани со неговата поранешна епископска служба. Во своите обраќања тој повика на жива вера, грижа за најранливите, праведност и христијанско сведоштво во секојдневниот живот.
Во катедралата во Чиклајо, каде што во 2015 година ја започна својата служба како епископ, папата Лав XIV ја предводеше Литургијата на Словото и ја круниса иконата на Безгрешната Дева Марија. Во молитвата Светиот Отец повторно го довери својот живот и својата служба на Пресвета Богородица, потсетувајќи на годините поминати меѓу верниците во таа епархија.
Папата нагласи дека Марија е пример за доверба во Бога и за целосна расположливост кон неговата волја. Тој ја истакна важноста на молитвата како извор на сила во тешките моменти и ги повика верниците преку застапништвото на Пресвета Богородица да станат градители на мирот и помирувањето.
По престојот во Чиклајо, Светиот Отец отпатува во Санта Круз де Сукабамба, оддалечена заедница во Андите. Посетата имаше особено лично значење за него, бидејќи уште како епископ ветил дека ќе се врати во ова место. Илјадници верници од околните рурални заедници пристигнаа за да учествуваат на Светата Литургија.
Пред Литургијата Папата ја посети локалната парохија „Безгрешно зачнување“, каде што ги поздрави верниците и посебно им се обрати на болните. Тој ги увери во близината на Црквата и ги повика да се молат за него и за сите луѓе на кои им е потребна Божјата помош.
Во проповедта на Светата Литургија, папата Лав XIV зборуваше за истрајноста на луѓето што живеат во тешки услови и нагласи дека верата, молитвата и конкретното делување се пат за надминување на неволјите. Тој истакна дека христијанинот е повикан да ја живее радоста на ученикот и мисионерот на Христос и во услови на сиромаштија, несигурност и страдање.
Посебно внимание Папата посвети на прашањето за правдата. Тој предупреди дека повикот за правда кој останува без одговор и понатаму се слуша од многу луѓе и претставува сериозна грижа за Црквата и за целото општество. Светиот Отец повика на чувствителност кон оние кои страдаат и на конкретна одговорност за луѓето што живеат на маргините.
Во рамки на посетата, папата Лав XIV се сретна и со католичката заедница во Зања, во светилиштето посветено на Свети Турибиј од Могровехо. Пред повеќе од 10.000 верници тој се присети на почетокот од својата епископска служба и призна дека токму верниците од овие заедници му помогнале подлабоко да го разбере Евангелието.
Папата потсети дека Свети Турибиј бил пастир кој бил подготвен да поминува големи физички и човечки растојанија за да го навестува Христос. Според Светиот Отец, токму близината со народот и подготвеноста да се оди таму каде што луѓето живеат и страдаат остануваат важни белези на вистинската пасторална служба.
Во Зања папата Лав посебно им се обрати на домородните и афроперуанските заедници, изразувајќи благодарност за нивната вера, традиции и придонес во животот на Црквата. Тој ги спомна и проблемите со криминалот, изнудувањата, несигурноста и дискриминацијата, кои продолжуваат да предизвикуваат страв и страдање кај многу семејства.
„Секогаш има некој кому можеме да му помогнеме, човек кого можеме да го сослушаме, семејство кое можеме да го придружуваме“, порача Папата, повикувајќи ги верниците да не се навикнуваат на туѓото страдање.
На крајот Светиот Отец упати посебни пораки до свештениците, семејствата и младите. Свештениците ги повика секојдневно да го негуваат пријателството со Исус Христос и да останат блиску до народот, родителите и бабите и дедовците ги охрабри да ја пренесуваат верата на своите деца и внуци, а младите да ги отворат срцата за повикот што Бог го има за секој од нив.
Со овие средби, посетата на папата Лав XIV повторно доби силно лично и мисионерско значење. Враќајќи се во заедниците во кои некогаш служел како свештеник и епископ, Папата ја поврза сопствената пасторална историја со повикот до целата Црква да остане блиску до народот, да го навестува Евангелието и да се грижи за достоинството на секој човек.
к.мк

