Папата: Човечкото достоинство секогаш мора да преовладува над профитот

Папата: Човечкото достоинство секогаш мора да преовладува над профитот

Обраќајќи се на претставници на социјалните движења и светот на трудот во Буенос Аирес, папата Лав XIV нагласи дека човечкото достоинство мора да остане во центарот на економските одлуки, а технологијата секогаш да биде подредена на етичките принципи.

За време на средбата на Католичкиот универзитет во Буенос Аирес, Светиот Отец, во понеделник 9 ноември 2026 година, се осврна на основните принципи на Социјалната наука на Црквата, посочувајќи дека достоинството на човечката личност е нејзиниот прв и најважен принцип.

Папата повика на промовирање на општото добро, солидарноста и праведните работни односи, нагласувајќи дека економската активност треба да му служи на човекот и на целата заедница.

„Кога економската добивка се воспоставува како единствен критериум за успех, бизнисот станува дехуманизиран и се претвора во структура на грев што создава исклучување“, предупреди папата Лав XIV.

Тој потсети дека Црквата го признава правото на приватна сопственост, но истовремено учи дека материјалните добра имаат и општествена функција и треба да придонесуваат за доброто на сите.

Како пример го посочи преподобниот Енрике Шо, аргентински католички претприемач, кој индустријата ја гледал како заедница на луѓе повикани заеднички да растат, а не само како средство за производство и создавање профит.

Папата зборуваше и за промените што ги носат вештачката интелигенција и автоматизацијата. Тој предупреди дека нерегулираната примена на новите технологии може да загрози голем број работни места и да има сериозни последици врз човечкиот развој.

„Технологијата секогаш мора да биде предмет на етика“, рече Светиот Отец, додавајќи дека алгоритмите не можат да ја заменат човечката проценка, ниту вредноста на личното присуство и трудот на работникот.

Папата истакна дека секоја чесна работа има достоинство и може да стане начин на служење на другите.

„Ниту една работа не е тривијална во очите на Бога. Големината на задачата не лежи во она што е направено, туку во љубовта вложена во секој гест, секој збор и секоја мисла“, рече тој.

На крајот ги повика присутните да го бранат достоинството на секој човек, да го промовираат општото добро и да градат општество засновано на солидарност и одговорност.

„Да работиме истрајно, ставајќи го Бога на чело на нашите постапки, а човечката личност во центарот на нашите одлуки“, порача папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот