Папата Лав XIV го поздрави хуманитарното примирје што овозможи евакуација на цивили од украинскиот град Олешки, кој е под руска контрола, и повика на поголема подготвеност за дијалог и нови конкретни иницијативи за мир.
Папата Лав XIV во неделата упати апел до одговорните за војната во Украина да покажат „поголема подготвеност да се вклучат во дијалог“ и да преземат нови конкретни чекори кон мирот.
Обраќајќи им се на верниците по молитвата „Ангел Господов“ на плоштадот „Свети Петар“, во недела 1 ноември 2026 година, Папата потсети на хуманитарната операција што овозможи евакуација на цивили од Олешки, град во јужна Украина кој е под руска контрола.
Операцијата беше спроведена во рамките на привремено хуманитарно примирје, постигнато по дипломатски напори меѓу вклучените страни.
„Во последните денови беше спроведена хуманитарна операција за помош на цивилното население во градот Олешки“, рече Папата.
„Се надевам дека соработката меѓу страните, која го овозможи овој неопходен гест на хуманост, ќе поттикне поголема подготвеност за дијалог и ќе доведе до нови конкретни иницијативи за мир“, додаде тој.
Папата Лав XIV потоа ѝ ги довери на Дева Марија, „Царицата на мирот и Царицата на сите светци“, сите луѓе во светот кои страдаат поради војните.
Хуманитарно примирје
Хуманитарната операција следеше по дипломатски напори во кои, според објавените информации, биле вклучени папата Лав XIV и првата дама на САД, Меланија Трамп.
Првата дама на САД учествувала во посредувањето за постигнување договор, додека папата Лав XIV упатил апел до руската страна да овозможи доставување хуманитарна помош и евакуација на цивилите.
Покрај евакуацијата, на жителите кои останале во Олешки им биле доставени храна, вода за пиење и медицински материјали.
Точниот број на евакуирани лица не беше соопштен од безбедносни причини. Според информациите што ги изнесе Меланија Трамп, операцијата би можела да опфати повеќе од 750 лица.
Ватикан њуз/к.мк

