Папата: Епископите треба да ги носат сите во своето срце, како Христос

Папата: Епископите треба да ги носат сите во своето срце, како Христос

Папата Лав XIV ги повика новоименуваните епископи, кои учествуваат на курс за формација во Рим, да го имаат срцето на Исус, Добриот Пастир, и да ги носат сите луѓе во своето срце, особено во време на брзи глобални промени.

Папата Лав XIV во четврток, 10 септември 2026 година, се сретна со епископите кои учествуваат на курсот за формација на тема „Епископи, слуги на заедништвото во Црквата и во денешниот свет“.

Во своето обраќање, Папата им порача на новоименуваните епископи дека живеат единствен облик на братство и дека никогаш не одат сами, бидејќи ги споделуваат надежите и соништата за народот што им е доверен.

Ветувајќи им ја својата молитва за нивната служба, тој рече дека секој човек треба да најде место во срцето на епископот, „затоа што секој веќе има место во срцето Христово“.

Папата ги охрабри епископите „да останат со Исус“ како свој најважен приоритет, разговарајќи со Него и за Него, и поминувајќи време во молитва.

„Секогаш ценете го времето поминато со Господ: Евхаристијата, Божјото Слово, молитвата и оние моменти во кои можете да останете во Неговото присуство со едноставно срце на ученик кој дозволува да биде љубен од својот Господ“, рече Папата.

Папата Лав XIV ги повика новите епископи да го имаат „срцето на Исус, Добриот Пастир“, целосно свртено кон Отецот и целосно дарувано на браќата и сестрите.

„Епископот е човек кој секој ден учи подлабоко да го љуби својот народ: да ги познава неговите радости и таги, да ги споделува неговите соништа и да се радува кога гледа како заедниците растат“, рече тој.

Кога ракополагаат свештеници и ѓакони, кога се среќаваат со млади ентузијасти и кога одат со народот низ тешкотиите, епископите се повикани да ги љубат сите што Господ им ги доверил, да ги знаат нивните имиња и нивните животни приказни.

Особено во младите Цркви, рече Папата, присуството на епископот зборува многу. Едноставни гестови, како поминато време со свештеник или внимателно слушање на едно семејство, можат да остават длабок впечаток.

„Вие ја познавате и убавината и барањата на мисијата, како и Црквата која можеби поседува малку, но е богата со голема вера“, рече тој. „Затоа ве повикувам да го зачувате мисионерското срце.“

Папата Лав XIV ги повика новите епископи да ја живеат својата пастирска грижа, што значи да го носат народот во своето срце, особено своите свештеници.

Нивната служба е „служба на љубов“, која се изразува преку проповедање, молитва, расудување и време поминато со другите.

Додека светот минува низ период на брзи промени и големи можности што ги носи вештачката интелигенција, рече Папата, епископите треба да продолжат да го проповедаат Евангелието на спасението на сите. Технологијата, нагласи тој, не може да го ослободи човештвото од гревот и неговите последици.

Тој ги повика епископите да создаваат можности за размислување и дијалог околу неговата енциклика Magnifica humanitas, за сите да можат да придонесат во градењето цивилизација на љубовта според визијата што тој ја изложил.

На крајот, папата Лав XIV ги повика новите епископи да ги чуваат своите срца отворени за сите, дури и за оние што не исповедаат вера.

„Да одиме со нашиот народ: да се молиме со него, да го слушаме Божјото Слово со него и да ја славиме Евхаристијата со него“, рече Папата. „Секој ден да го бараме лицето Господово заедно со него.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот