Папата Лав XIV ги повикува сите да молат „за грижа за водата“ во текот на септември, додека христијаните ја одбележуваат Сезоната на создадениот свет.
Папата Лав XIV го објави видеото „Моли се со Папата“, кое ја придружува неговата молитвена накана за месец септември 2026 година, посветена „на грижа за водата“.
Во видеото, подготвено од Светската молитвена мрежа на Папата, Светиот Отец се моли водата да биде „извор на плодност, свежина и надеж“ и потсетува дека водата е „право без граници“.
Водата, вели Папата, „ја гаси жедта, ја храни земјата и ги лекува раните“. За христијаните, таа е и знак на Божјата благодат и љубов кон нас, како и на нашето обновување во Крштението.
„Прости ни што ја претворивме во роба, заборавајќи дека таа е универзален дар, право без граници, наменето за сите Твои деца“, се моли Папата. „Со болка гледаме толку многу браќа и сестри кои немаат чиста вода, кои пешачат со километри за да ја најдат, кои се разболуваат поради нејзиниот недостиг.“
Папата Лав XIV понатаму се моли Светиот Дух да ги направи христијаните „ходочесници на суштинското“, способни да живеат едноставно и да избегнуваат секое расфрлање или загадување.
Тој охрабрува да го браниме правото на вода на сите луѓе, за секој да може да пие „без страв и без нееднаквост“.
„Нашата грижа за водата нека биде знак на љубов кон Создателот и посветеност на животот на сиромашните, воспитувајќи ги новите генерации да ги ценат и заштитуваат ресурсите на Земјата“, заклучува Папата.
„Жива вода“
Христијаните ширум светот ја одбележуваат Сезоната на создадениот свет од 1 септември, Светскиот ден на молитва за грижа за создадениот свет, до 4 октомври, празникот на свети Фраањо Асишки.
Темата на овогодинешното одбележување е „Жива вода“, потсетувајќи на сè поголемиот недостиг на свежа вода и на нееднаквиот пристап до неа.
Според соопштението што ја придружува молитвената накана на Папата, Светиот Отец ги повикува сите на лични конкретни чекори: да се поправат протекувањата, да се скрати времето на туширање, да се затвораат славините кога не се користат и да се избегнува загадување на одводите и реките.
Агенциите на Обединетите нации известуваат дека околу 2,1 милијарди луѓе сè уште немаат пристап до безбедно управувана вода за пиење, додека 106 милиони луѓе се потпираат исклучиво на реки, езера или други необработени површински води.
Отец Кристобал Фонес, меѓународен директор на папската светската молитвена мрежа, истакнува дека водата е една од големите основни потреби на животот.
„Оваа молитвена накана нè повикува длабоко да размислуваме за создадениот свет, да го заштитуваме и со Божји очи да гледаме на оние кои денес мора да пешачат со километри за да добијат малку чиста вода. Она што го гледаме треба да го претвориме во конкретни дела што покажуваат умереност, грижа и солидарност“, вели тој во соопштението.
„Никој не треба да живее без вода и никој не треба да умре затоа што нема вода“, додава отец Фонес.
Ватикан њуз/к.мк

