Папата: Црквата треба да им помогне на распаднатите семејства да се излекуваат од зависности

Папата: Црквата треба да им помогне на распаднатите семејства да се излекуваат од зависности

На средбата со Папската комисија за Латинска Америка, папата Лав XIV ја охрабри Црквата во Латинска Америка да им помага на семејствата што страдаат поради злоупотреба на дрога, насилство или сиромаштија.

Папата Лав XIV во четврток, 27 август 2026 година, се сретна со учесниците на состанокот промовиран од Папската комисија за Латинска Америка, посветен на темата „Зависноста во Латинска Америка“.

Во своето обраќање, Папата ги поздрави бројните претставници на црковни центри кои работат на придружување, превенција, закрепнување и интеграција на младите погодени од дрога.

Размислувајќи за последиците од злоупотребата на супстанции, тој истакна дека „страдањето и надежта не познаваат граници“, бидејќи учесниците доаѓаат од Азија, Африка, Европа и Америка.

Папата Лав XIV потоа посочи на четири „мостови“ што се спојуваат на оваа средба и претставуваат четири патишта на соработка.

Првиот мост, рече тој, е соработката на Црквата со меѓународните организации во борбата против злоупотребата на дрога. Папата ја истакна соработката на Комисијата со Организацијата на американските држави и со Советот на латиноамериканските и карипските бискупи, нагласувајќи дека тие помагаат во обуката на луѓе за црковни организации во заедниците.

Вториот мост, според Папата, е односот меѓу науката и верата. Црквата, рече тој, не сака да се натпреварува со невронауката, психијатријата или јавното здравство.

„Напротив, таа настојува да ја фрли светлината на Евангелието врз ова прашање преку интегрално разбирање на човечката личност“, рече Папата.

Третиот мост е самата Црква како простор што ги поврзува континентите, собирајќи луѓе со заеднички цели за да ги споделат своите страдања, надежи и пастирски ентузијазам.

Четвртиот мост е заедничкиот јазик на верата, преку кој Црквата и другите црковни заедници практикуваат конкретна љубов кон оние што страдаат од зависност.

Семејството како прва заштита

Папата Лав XIV ја истакна и централната улога на семејството, нарекувајќи го „домашна Црква“ која е присутна во секој аспект од напорите за борба против злоупотребата на супстанции.

Семејството, рече тој, „е местото каде што животот се негува, се чува и му се дава насока. Нема подобра заштита од дрогата од добро семејство.“

Потсетувајќи на зборовите на папата Фрањо, Светиот Отец нагласи дека Црквата е повикана да „допре до човечката беда, да го допре страдалното тело на другите“.

„Денес“, рече папата Лав XIV, „сведоци сме на страдањето на многу распаднати семејства, било поради употреба на дрога, насилство, криминално регрутирање на дете, сиромаштија или недостиг на можности што ги турка луѓето на маргините.“

Црква што станува дом

На крајот, папата Лав XIV ја охрабри работата на Папската комисија за Латинска Америка, како и сите што дејствуваат на полето на зависностите.

„Нека Црквата биде семејство за сите што се оставени покрај патот“, рече тој.

„Да градиме Црква што застанува, се приближува, се трогнува од сочувство, ги помазува раните, дава храна и станува дом“, порача папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот