Во вторник, 7 јули 2026 година, во парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица, свечено беше прославен патрониот празник на парохијата. Светата архиерејска Литургија ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, во заедништво со свештеници од Епархијата.
Во литургиското славење сослужуваа деканот протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, протојереј ставрофор отец Георги Трајков, протојереј ставрофор отец Тома Ангелов парох во Богданци, отец Ѓорги Динов парох во Нова Маала, отец Ристо Самарџиски парох во Гевгелија, отец Ванчо Назов парох во Сарај и Чанаклија, отец Атанас Сирачев парохиски викар во Радово, отец Трајче Ташев парохиски викар во Струмица и парохот на црквата „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица, протоереј отец Гоце Костов, а ѓаконираше отец ѓакон Спасе Спасов. На славењето присуствуваа верници од парохијата, сестри Евхаристинки, гости и добротвори на парохиската заедница.
Во својата проповед, епископот Стојанов најнапред упати честитки до парохот и парохискиот викар, до целата парохиска заедница, како и до сите што го носат името на свети Иван Крстител. Тој истакна дека големите времиња раѓаат големи луѓе, но нагласи дека Божјото разбирање на величината е поинакво од човечкото. Вистинската големина, според евангелската логика, не се состои во моќ, слава или човечко признание, туку во служење, верност и подготвеност човек да биде орудие во Божјиот план.
Говорејќи за свети Иван Крстител, епископот Стојанов потсети дека неговото раѓање го означува преминот меѓу Стариот и Новиот завет, време во кое Бог почнува да ги исполнува ветувањата дадени преку пророците. Иван е оној што го подготвува патот на Господ, ги повикува луѓето на преобраќање и покажува кон Христос со зборовите: „Еве го Јагнето Божјо“. Токму во тоа, рече епископот, се открива неговата величина: тој не бара славата за себе, туку целосно го насочува народот кон Оној што доаѓа по него.
Епископот посебно се осврна и на значењето на името Иван, кое значи „Бог покажал милост“. Таа милост, нагласи тој, не се однесува само на неговите родители Захарија и Елисавета, туку на целиот народ, бидејќи со раѓањето на Иван започнува да се открива Божјата милост за сите луѓе. Иван, иако роден во скромност и обележан со страдање, станува голем пророк затоа што се става целосно во служба на Божјата волја.
Во продолжение, епископот Стојанов рече дека зборовите „слуга“ и „служење“ денес звучат речиси немодерно, бидејќи современиот човек често повеќе зборува за слобода, независност и самоостварување. Но токму служењето, според Христовите зборови, е суштината на христијанскиот живот: „Синот човечки не дојде за да Му служат, туку да служи.“ Епископот потсети дека и Пресвета Богородица го направила служењето програма на својот живот со зборовите: „Еве ја слугинката Господова.“
Осврнувајќи се на денешното време, епископот нагласи дека светот има потреба од луѓе со духот на Иван Крстител, луѓе кои ќе сведочат со зборови, но пред сè со пример. Тој рече дека денес има сè помалку сигурност, правда и вистинска радост, а сè повеќе загриженост, безнадежност и празнина во човечкото срце. Во тој контекст, потсети на сведоштвото од Католичката црква во Франција, каде многу млади луѓе се враќаат на верата, и покрај тоа им било понудено многу работи од светот, сепак останале внатрешно празни и гладни за Бога и затоа повторно го пронаоѓаат патот до верата и Бога.
Епископот ги повика присутните да се запрашаат колку од духот на свети Иван има во нивниот живот: дали се цврсти во верата, доследни во христијанското убедување, ревносни за Божјото царство и подготвени да донесуваат плодови достојни за преобраќање. Тој нагласи дека секој христијанин е повикан да даде пророчки придонес за подобрување на светот преку својот пример, чесност, љубов кон ближниот и верност кон Христос.
На крајот од проповедта, епископот Стојанов посака свети Иван Крстител, заштитникот и патрон на парохиската црква, да ги приближи сите верници уште повеќе до Бога и Црквата, да ги поттикне да го слушаат Божјото слово и да останат верни Христови ученици.
На крајот од светата архиерејска Литургија парохот отец Гоце Костов упати благодарност најнапред до Бога за сите дарови и благослови, како и до епископот Стојанов за неговото присуство, пастирска грижа, упатеното слово, како и на духовно водство. Благодарност беше упатена и до сите присутни свештеници, сестрите, верниците, добротворите, гостите, до Радио Марија и сите што помогнаа во подготовката на патрониот празник.
Заедништвото продолжи во дворот на Црквата со агапе подготвено од верниците , а организирано од црковниот одбор.
Во предвечерието на празникот, во понеделник, 6 јули, во истата парохиска црква беше отслужена празнична Вечерна со благослов на петолебие. По повод патрониот празник, верниците имаа можност да добијат потполн опрост под вообичаените услови пропишани од Црквата.
к.мк

