Кардинал Бичок вели дека Украина не е сама и дека Црквата и Папата се со неа

Кардинал Бичок вели дека Украина не е сама и дека Црквата и Папата се со неа

Кардиналот Микола Бичок, епископ на Епархијата „Свети Петар и Павле“ во Мелбурн, Австралија, за Vatican News зборуваше за средбата со папата Лав XIV, на која му подари украинско знаме и крст што му припаѓале на украински војник.

Средбата се одржа на 24 јуни 2026 година, на крајот од Генералната аудиенција во Ватикан. Кардиналот Бичок, кој е роден во Украина, истакна дека подарокот има гоелмо симболично значење за украинскиот народ, особено во време кога војната продолжува да остава тешки последици врз војниците, ветераните, заробените, исчезнатите и нивните семејства.

Тој објасни дека знамето и крстот му биле доверени од украински ветеран, кој поминал три години во војната. Ветеранот побарал тие предмети да бидат предадени на Светиот Отец како знак на благодарност за неговата поддршка и како молба Папата да продолжи да ја објавува вистината за страдањето на Украина.

Кардиналот Бичок рече дека за него било голема чест што можел да биде посредник и да ги пренесе овие зборови и предмети до папата Лав XIV. Според него, овој гест е знак на надеж за Украина и потсетување дека украинскиот народ не е сам. „Бог е со нас, Католичката Црква е со нас, а со нас е и папата Лав XIV“, истакна кардиналот.

Говорејќи за вонредниот Конзисториум што се одржува во Ватикан од 26 до 29 јуни, кардиналот рече дека тоа е важна можност кардиналите од целиот свет да разговараат за војните, поделбите и начините на кои Црквата може да придонесе за градење мир. Тој изрази надеж дека страдањето на Украина ќе биде слушнато на највисоко ниво во Католичката Црква.

Во однос на придонесот на Украинската Црква во разговорите за мир, кардиналот Бичок нагласи дека Украина е отворена за дијалог, но дека не може да се откаже од својата земја и од жртвата на оние кои го дале животот за иднината на своите семејства и деца.

Тој потсети дека војната остава длабоки духовни, психолошки и човечки рани, не само кај војниците, туку и кај цивилите. Дури и кога војната ќе заврши, рече тој, ќе останат многу предизвици и свежи рани што ќе треба да се лекуваат.

Кардиналот посебно ја истакна солидарноста на Католичката Црква низ светот, која од почетокот на целосната инвазија помогнала со храна, вода, основни потреби и духовна поддршка. Тој рече дека искуството на Украина може да биде корисно не само за украинскиот народ, туку и за целиот свет, како пример за заедништво, издржливост и надеж во време на страдање.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот