За време на Генералната аудиенција во среда, папата Лав XIV се осврна на Евхаристијата, продолжувајќи го своето размислување за конституцијата на Вториот ватикански собор за Светата Литургија, Sacrosanctum Concilium. Тој нагласи дека оваа Света Тајна ни овозможува „да го усвоиме Господовиот пат“.
„Да црпиме со вера од овој извор на божествен живот и да дозволиме да бидеме преобразени од Тајната што ја славиме.“
Папата Лав XIV ова го истакна зборувајќи за Евхаристијата за време на својата неделна Генерална аудиенција на плоштадот Свети Петар, во среда 24 јуни 2026 година, продолжувајќи ја серијата катехези за Вториот ватикански собор и неговата конституција за Светата Литургија од 1963 година, Sacrosanctum Concilium.
Оваа недела Светиот Отец се осврна на славењето на Евхаристијата, како што е претставено во конституцијата. Тој истакна дека ова „свето таинство“ во втората глава од текстот е опишано како „таинство на љубовта, знак на единство, врска на милосрдието, пасхална гозба во која се прима Христос, душата се исполнува со благодат и ни се дава залогот на идната слава“.
Папата потсети и на нагласувањето во конституцијата дека верниците се повикани активно да учествуваат во Литургијата и да се принесуваат себеси во единство со Исус Христос.
Тој забележа дека кога учествуваме во Евхаристијата, сме повикани да го слушаме Божјото Слово и да се храниме на Господовата трпеза, каде што Тој самиот Му се принесува на Отецот.
Во таа перспектива, подвлече папата, Евхаристијата е облик на духовна жртва на христијаните, бидејќи преку неа тие се соединуваат со Бога и меѓусебно.
„Учествувајќи во неа“, забележа Светиот Отец, „ учат да се принесуваат себеси и, ден по ден, преку Христос да се усовршуваат во единство со Бога и меѓу себе“.
Тој исто така потсети, цитирајќи ја конституцијата, дека за време на Литургијата на Словото и Евхаристијата „се толку тесно поврзани меѓу себе што сочинуваат еден единствен чин на богослужба“.
Во таа смисла, Папата истакна дека Евхаристијата, вклучувајќи нè во Христос, нè учи да го усвоиме самиот начин на живот на Господ Исус, обележан со слободното дарување на самиот себе.
„Овој дар“, рече тој, „нè воведува во динамиката на единството, која е моќен противотров на силите на поделбата што го поткопуваат нашиот свет, нашите заедници, нашите семејства и нашите срца“.
На крајот, Светиот Отец се помоли сите верници да црпат храна од овој изобилен извор на божествен живот и да дозволат да бидат преобразени од тајната што ја славиме.
Ватикан њуз/к.мк

