На средбата со учесниците на меѓуверски колоквиум, папата Лав XIV ги повика христијаните и муслиманите „да го оживеат човештвото таму каде што е оладено“ и „да ја преобразат рамнодушноста во солидарност“.
Папата Лав XIV во понеделник наутро, 11 мај 2026 година, се сретна со членовите на Јорданскиот кралски институт за меѓуверски студии и на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог на Светиот Престол.
Членовите на Кралскиот институт, основан под покровителство на јорданскиот принц Хасан бин Талал, престојуваа во Рим на колоквиум на тема „Човечко сочувство и емпатија во модерното време“.
Сочувството во христијанството и исламот
Во своето обраќање, Папата истакна дека сочувството и емпатијата се „суштински ставови“ и во христијанството и во исламот.
Во муслиманската традиција, рече папата Лав, сочувството (ра’фа) е дар што Бог го вложува во срцата на верниците, додека името Ал-Рауф („Секогаш сочувствителниот“) меѓу деведесет и деветте Божји имиња потсетува дека „сочувството секогаш има свое потекло во самиот Бог“.
Во христијанската традиција, рече Папата, ова божествено сочувство „станува видливо и опипливо“ во личноста на Исус. Примајќи човечко тело, Бог оди подлабоко од гледањето и слушањето на човечкото страдање: Тој го доживува Сам и станува „живо олицетворение на сочувството“.
Љубов кон сиромашните
Сочувството и емпатијата, рече папата Лав, се составен дел од животот на христијаните и муслиманите. Тие имаат и „социјални последици“ за верниците од двете религии.
Од христијанска гледна точка, истакна Папата, „љубовта кон сиромашните“, како и учеството во нивното страдање, се од суштинско значење. Во тој контекст, тој изрази благодарност за „великодушните напори“ на Кралството Јордан во прифаќањето на бегалците.
Технологија и рамнодушност
Во последниот дел од својот говор, папата Лав се осврна на влијанието на технологијата врз сочувството и емпатијата денес.
Иако денес сме „поповрзани од кога било“, рече Папата, „постојаниот проток на слики и видеа од тешкотиите на другите може да ги затапи нашите срца, наместо да ги разбуди“. Цитирајќи една рана проповед на папата Фрањо, папата Лав предупреди дека „се навикнавме на страдањето на другите“, мислејќи: „тоа не ме засега, не ме интересира, не е моја работа“.
Во овој контекст, заклучи папата Лав, христијаните и муслиманите се повикани да се потпрат на богатството на своите традиции и да се вклучат во „заедничка мисија“: „да го оживеат човештвото таму каде што е оладено, да им дадат глас на оние што страдаат и да ја преобразат рамнодушноста во солидарност“.
Ватикан њуз/к.мк

