Сведочење на Евангелието преку единство

Сведочење на Евангелието преку единство

Андреа Торниели размислува за пораката и влијанието на првата година од понтификатот на папата Лав XIV.

Мирот и единството на Црквата беа двете постојани и основни теми во првата година од понтификатот на папата Лав XIV, кој продолжува да повикува на молитва за овие накани. Мирот се наметна како итен приоритет поради умножувањето на бесмислените конфликти и постепеното слабеење на меѓународното право, а единството на Црквата останува нишка што се протега низ целото научителество на Римскиот епископ, роден во Чикаго, а подоцна мисионер во Перу.

Начинот на кој папата Лав ги повторува своите апели за единство на верниците во Христос е особено значаен. Тој апел не е барање за надворешна „нормалност“ или за површна смиреност што ги пригушува разликите и ги разводнува спротивставеностите.

Папата тоа јасно го објасни во своето обраќање до кардиналите за време на вонредниот конзисториум на 7 јануари 2026 година. Претставувајќи ја соборската перспектива прифатена од понтификатите на неговите претходници, тој зборуваше за привлечноста, цитирајќи ги зборовите на покојниот папа Бенедикт XVI во Бразил.

„Црквата расте преку привлечност“, рече Бенедикт. „Како што Христос ги привлекува сите кон Себе преку силата на Својата љубов, која достигнува врв во жртвата на крстот, така и Црквата ја исполнува својата мисија во онаа мера во која, во заедништво со Христос, ги извршува сите свои дела во духовно и практично подражавање на љубовта на својот Господ.“

Папата Лав потсети дека неговиот непосреден претходник, папата Фрањо, се согласувал со ова и го повторувал повеќепати во различни контексти. Потоа додаде: „Денес со радост повторно ја разгледувам оваа тема и ја споделувам со вас. Ве повикувам да обрнеме внимание на она што папата Бенедикт го посочи како ‘сила’ што го придвижува ова движење на привлечност. Всушност, оваа сила е caritas, тоа е agape, тоа е Божјата љубов што се воплоти во Исус Христос.“

Во тој говор, папата Лав XIV потврди дека „љубовта Христова нè поттикнува“. Христовата љубов нè поттикнува затоа што нè опфаќа, нè обвиткува и нè плени. Тоа е силата што ги привлекува сите кон Христос. Додека единството привлекува, поделбата расејува. Затоа, за да бидеме вистински мисионерска Црква, способна да сведочи за привлечната сила на Христовата љубов, најнапред треба да ја живееме Неговата заповед, единствената што им ја даде на учениците откако им ги изми нозете: „Како што ве возљубив Јас, така и вие да се љубите еден со друг.“

Зборовите на Исус за ова прашање укажуваат на суштината на мисијата: „По ова сите ќе познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов еден кон друг.“

Единството на Црквата се пројавува во способноста, по благодат, да се живеат нови односи со браќата и сестрите. Се пројавува во способноста да се љубиме едни со други и да си простуваме, дозволувајќи да заблеска заедништвото кое, во автентично живеено христијанско искуство, преовладува над секоја разлика и поделба.

Тоа се пројавува и во способноста да се надминуваат тензиите и конфликтите, со свест дека сите сме повикани, сите сме грешници на кои им е простено, на кои им е потребна милост, недостојни слуги и луѓе подеднакво опфатени од бескрајната љубов што не сме ја заслужиле. Се пројавува и во способноста да се живее синодалноста, како конкретен начин на заедништво во Црквата.

Христијанската заедница привлекува само кога живее на овој начин. Таа привлекува кога го надминува самодоволното затворање во себе, кога не се потпира на сопственииот сјај, кога не ги имитира маркетиншките стратегии на рекламните агенции и кога не ја поттикнува идеолошката поларизација.

Христијанската заедница привлекува, а со тоа станува и мисионерска, кога преку своето единство ја одразува светлината на Другиот, знаејќи на сите да им ја понуди прегратката на милосрдието што самата најнапред ја примила и продолжува да ја прима, ден по ден, во средбата со Христос.

Единството на Црквата е повеќе од сообразност или мирна коегзистенција. Тоа е плод на љубовта што нè опкружува и сака да зрачи насекаде, правејќи заедништвото да биде посилно од индивидуалниот протагонизам, заедништвото посилно од поделбата, кроткоста посилна од ароганцијата, а зборовите на мирот посилни од јазикот на омразата, кој за жал го погодува голем дел од дигиталниот свет.

Единството на Црквата ги засега христијаните, верниците и целото човештво.

Папата Лав го објасни тоа на светата Литургија за почетокот на својата Петровска служба, изразувајќи ја „големата желба“ за „обединета Црква, знак на единство и заедништво, која станува квасец за помирен свет“. Тој го повика светот да погледне кон Христос, да Му се приближи и да го слушне Неговиот повик да бидеме едно семејство: „во едниот Христос, ние сме едно“.

Ова е патот што треба да го следиме заедно: меѓу себе, со нашите сестрински христијански Цркви, со оние што следат други религиозни патишта, со оние што Го бараат Бога и со сите жени и мажи со добра волја, за да изградиме нов свет во кој ќе владее мирот.

Во драматичен час од историјата на човештвото, во свет растргнат од војни, единството на Црквата е пророштво за мир за сите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Колумни

За авторот