Папата Лав XIV, епископ на Римската епархија, хиротониса четворица свештеници за помошни епископи, поттикнувајќи ги да останат достапни за сите, да ја навестуваат Божјата близина и да ја разгоруваат надежта.
„Ова е прослава на народот“, изјави папата Лав XIV на почетокот од својата проповед за време на светата Литургија во Архибазиликата „Свети Иван Латерански“, на која хиротониса четворица свештеници за помошни епископи на Римската епархија: Стефано Спарапани, Алесандро Зеноби, Андреа Карлевале и Марко Валенти. Со исклучок на Марко Валенти, кој потекнува од Канталупо во Сабина, сите се родени во Рим.
Во својата проповед, Папата им се обрати на новите помошни епископи како на „драги браќа“ и нагласи дека, заедно со кардиналот викар, тие ќе му помагаат нему, како римски епископ, „да биде за римскиот народ слика на Добриот Пастир и да бдee над милосрдието кон целиот Божји народ, расфрлен низ светот“.
Папата Лав објасни и како ја замислува нивната служба: „Ќе бидете пророци во вашата служба ако сте луѓе на мирот и единството, кои ги поврзуваат, со нишки на благодат и милосрдие, огромните и населени простори на оваа епархија, усогласувајќи ги разликите, прифаќајќи, слушајќи и простувајќи“.
Да се навестува и носи надеж за сите
Во својата проповед на свечената Литургија, Папата, кој уште од своето прво обраќање по изборот на 8 мај 2025 година се залага за „невооружен и разоружувачки мир“, потсети дека Исус „одеше меѓу нас како невооружен и разоружувачки пророк“.
Тој нагласи, потсетувајќи на зборовите на својот претходник папата Frawo, дека е потребно „да ги носиме во срцето материјалните и егзистенцијалните периферии“ и да излегуваме кон оние што се на маргините на општеството, за да им се навести „дека никој не е исклучен од можноста да стане активен дел од светата градба што е Црквата и од братството меѓу луѓето“.
Римскиот епископ им порача на новите помошни епископи на својата епархија: „Како свештеници, го прифативте овој повик, заедно со парохиските заедници што ги придружувавте. Сега доаѓа нов повик, понатамошен повик, кој секогаш го има истото јадро: никој, апсолутно никој, не смее да се смета за отфрлен од Бога, а вие ќе бидете гласници на оваа добра вест што стои во срцето на Евангелието“.
Блиску до сите
Папата Лав ја нагласи и важноста да се биде достапен за сите, без разлика дали станува збор за мирјани, монаси, монахињи или свештеници: „Не дозволувајте да ве бараат; дозволете да ве најдат“.
„Погрижете се свештениците, ѓаконите, монасите и монахињите, како и мирјаните што се посветени на апостолската работа, никогаш да не се чувствуваат сами“, нагласи Папата. „Помогнете им да ја разгорат надежта во своите различни служби и да се чувствуваат како дел од една иста мисија.“
„Нека сиромашните од Рим, ходочесниците и посетителите што доаѓаат овде од целиот свет, во жителите на овој град, во неговите институции и во неговите пастири ја најдат онаа мајчинска грижа што е вистинското лице на Црквата. Нека Salus Populi Romani, Мајката на нашата доверба, секогаш нè води и нè заштитува на нашиот пат.“
Ватикан њуз/к.мк

