По повод 30. Светски ден на посветен живот, Дикастеријата за институти на посветен живот и општества на апостолски живот испрати порака до сите посветени лица низ целиот свет на тема „Пророштво за присуство: посветен живот каде што достоинството е повредено, а верата е испитувана“. Документот е еден вид подготовка за празникот Воведение Господово, 2 февруари, кој ќе заврши со свечена литургија во Ватикан.
Писмото, потпишано од префектот на Дикастеријата, сестра Симона Брамбила, пропрефектот, кардинал Анхел Фернандез Артиме, и секретарката, сестра Тицијана Мерлети, ги споделува плодовите од нивните пасторални посети во текот на изминатата година и сведочи за нивните средби со посветени мажи и жени кои живеат во услови на војни, сиромаштија, миграција, насилство, социјална нестабилност и верски ограничувања.
Според авторите, токму во овие тешки контексти, посветениот живот ја открива својата најдлабока пророчка суштина како „присуство што останува“ – блиску до ранети луѓе и народи, каде што Евангелието се живее во кршливост и искушение. Ова „останување“ не е пасивно, туку активно: раѓа гестови на мир, зборови што разоружуваат и односи што градат дијалог меѓу културите и религиите.
Во документот се нагласува „да се биде“ според Евангелието значи заштита на најмалите, трпение во процесите на помирување, покажување упорност и храброст во осудувањето на неправдата. Ова не е само личен избор, туку пророчка порака до целата Црква и светот.
Писмото, исто така, го опишува богатството на различните форми на посветен живот: апостолската активност ја прави видлива ефективната близина со оние што страдаат; контемплативниот живот ја зачувува надежта преку молитва; световните институти сведочат за Евангелието како „тивок квасец“ во општеството; Ordo virginum ја покажува моќта на невозвратената верност; пустинскиот живот потсетува на првенството на Бога.
Во овој разновиден хор, една единствена пророчка линија ги обединува сите: да останат со љубов, без напуштање и без молчење, преобразувајќи го сопствениот живот во живо Слово за нашето време.
На крајот, Дикастеријата им се заблагодарува на сите посветени лица за нивната верност и ги охрабрува да бидат „ходочесници на надежта по патот на мирот“, способни да останат, да утешат и да започнат одново. Така тие стануваат во Црквата и во светот вистинско „пророштво на присуство и семе на мир“.
Ватикан њуз/к.мк

