За време на Генералната аудиенција, папата Лав XIV ги продолжи своите размислувања за Конституцијата „Dei Verbum“ на Вториот ватикански собор, нагласувајќи ја нераскинливата врска помеѓу Светото Писмо и Светото Предание или Традицијата на Црквата. Во катехезата, Светиот Отец го нагласи живиот карактер на Божјото Слово, кое се пренесува и толкува во Црквата со делувањето на Светиот Дух.
Светото Писмо и Преданието, рече Папата, се два неразделни столба на христијанската вера. За да го илустрира ова, тој потсети на два клучни евангелски настани: Исусовите зборови на збогување во Горната соба и посланието доверено на апостолите по Воскресението.
„Кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина“, потсети Папата на зборовите на Христос во Евангелието по Иван (14:26; 16:13), нагласувајќи дека Светиот Дух е тој што ја води Црквата низ вековите и ја прави способна да го зачува и пренесува Божјото откровение. Овие зборови, нагласи Папата, ја откриваат суштината на христијанската вера: Божјото Слово не е заклучено во минатото, туку живее и делува во Црквата преку Светиот Дух.
Осврнувајќи се на Конституцијата Dei Verbum, Лав XIV нагласи дека „Светото Писмо и Светото Предание се тесно поврзани и меѓусебно се проникнуваат“, бидејќи „извираат од истиот божествен извор и се стремат кон истата цел“ (DV, 9). Преданието, објасни тој, не е замрзнато сеќавање на минатото, туку жива реалност што се развива во историјата преку животот, верата и молитвата на Црквата. Тоа не е додаток на Светото Писмо, туку негово живо пренесување – начинот на кој Божјото Слово се разбира, зачувува и воплотува во историјата.
Во овој поглед, Светиот Отец потсети на познатите зборови на Свети Григориј Велики: „Светото Писмо расте со оние што го читаат“, како и на мислата на Свети Августин дека „Единствен е Божјиот словесен говор, кое звучи во устата на многу светци“. Ова покажува дека Божјото Слово не е мртов текст, туку жива и активна реалност што се одвива во времето.
Папата, исто така, посвети посебно внимание на улогата на Црквата како чувар на таканаречениот „залог на верата“. Осврнувајќи се на апостол Павле – „Тимотеј, чувај го она што ти е доверено“ (1 Тим. 6,20) и потсети дека според Dei Verbum „Светото Предание и Светото Писмо претставуваат единствен залог на Божјото Слово доверено на Црквата“ (DV, 10). Овој залог мора верно да се чува и пренесува во целост, без искривување, преку живото учителство на Црквата.
Во овој контекст, папата Фрањо го цитираше и блажениот Џон Хенри Њуман, според кого христијанството се развива како семе кое расте и раѓа плод без да ја изгуби својата суштина. „Верата не е нешто статично – таа е жива реалност која се развива со делувањето на Светиот Дух“, нагласи Светиот Отец.
На крајот, Папата потсети дека Светото Писмо и Преданието „се толку тесно поврзани што не можат да постојат едно без друго“ и дека заедно, под водство на Светиот Дух, служат за спасение на човекот. „Божјото Слово ѝ е доверено на Црквата“, рече тој, „и сите сме повикани да го чуваме како светлина за нашиот пат во сложената историјата“.
Ватикан њуз/к.мк

