Порака на Папата за 100. Светски ден на мисиите: Ниедно крстено лице не е ослободено од мисијата
Во својата порака за 100. Светски ден на мисиите, папата Лав XIV нагласува дека идентитетот на Црквата е да биде заедница во мисија, „во служба на братството меѓу сите луѓе и хармонијата со целото создание“.
Во свет на сè подлабоки конфликти, проповедањето на Евангелието бара срца исполнети со мир и духови помирени со другите, способни да градат единство. Ова е пораката што папата Лав XIV ја испрати во пресрет на 100. Светски ден на мисиите, востановен пред сто години од папата Пиј XI.
Светскиот ден на мисиите ќе се прослави на 18 октомври, под мотото „Едно во Христос, обединети во мисијата“.
Во срцето на мисијата, пишува Папата, е „таинството на соединувањето со Христос“. Самиот идентитет на Црквата е да биде „заедница што извира од Пресветата Троица и постојано се одржува од неа – заедништво во служба на братството меѓу сите луѓе и хармонија со целото создание“.
Фундаменталната одговорност на Црквата во мисијата, нагласува Светиот Отец, е обновување на духовното и братското единство меѓу нејзините членови. Затоа, тој изразува надеж за посилна екуменска посветеност и подлабока соработка меѓу христијанските цркви.
Ова единство не е цел само по себе, туку е насочено кон мисија. Во заедништвото, нагласува Папата, навестувањето на Евангелието „стекнува своја целосна комуникациска моќ“.
„Ниеден крстен човек“, пишува Папата, „не е ослободен од мисијата или рамнодушен кон неа: секој, според својот повик и животна состојба, учествува во големото дело што Христос ѝ го доверил на својата Црква. Како што постојано нè потсетува папата Фрањо, навестувањето на Евангелието е секогаш акција што е хармонична, заедничка и синодална“.
„Единството е услов за мисијата, љубовта е нејзината суштина“, пишува Папата. Добрата вест што треба да се навести, додава тој, не е апстрактен идеал, туку „Евангелието на Божјата верна љубов, воплотена во личноста и животот на Исус Христос“.
Низ вековите, безброј христијани – маченици, исповедници, мисионери – ги положиле своите животи за да ја навестат оваа божествена љубов на светот.
„Светот и денес има потреба од такви храбри сведоци на Христос“, пишува Папата, „а црковните заедници продолжуваат да имаат потреба од нови мисионерски позиви, за кои мора постојано да се молиме на Отецот. Нека ни го даде дарот на млади луѓе и возрасни кои се подготвени да остават сè зад себе за да го следат Христос на патот на евангелизацијата до крајот на земјата!“
Молитвата на Папата
„Свети Оче, направи нè едно во Христос, вкоренети во неговата љубов што обединува и обновува.
Сите членови на Црквата нека бидат обединети во мисијата, послушни на Светиот Дух и храбри во сведочењето на Евангелието, објавувајќи ја и секојдневно воплотувајќи ја твојата верна љубов кон сите созданија. Благослови ги сите мисионери, поддржи ги во нивните напори и одржувај ги во надеж.
Марија, Царице на мисиите, придружи ја нашата работа на евангелизација во секој агол од светот: направи нè орудија на мирот и дај му на целиот свет да ја препознае во Христос светлината што спасува. Амин.“
Ватикан њуз/к.мк

