Латинската патријаршија во Ерусалим и Кустодијата на Светата Земја соопштија дека е постигнат договор со израелските власти, со кој се обезбедува одржувањето на богослужбите за Страсната седмица и Велигден во Храмот на Светиот Гроб. Сепак, поради тековниот воен судир, остануваат во сила ограничувањата за јавни собири, па Литургиите ќе бидат пренесувани и преку интернет за верниците од целиот свет.
Во заедничкото соопштение се наведува дека сите прашања поврзани со обредите за Страсната седмица и Велигден се разгледани и решени во координација со надлежните власти. Во договор со израелската полиција, на претставниците на Црквите им е обезбеден пристап за да можат да ги служат Литургиите и обредите и да се зачуваат древните велигденски традиции во Храмот на Светиот Гроб.
Овој договор следува по инцидентот што се случи во неделата, кога латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пицабала, и фра Франческо Јелпо, кустос на Светата Земја, биле запрени од израелската полиција пред црквата, кога сакале да служат света Литургија по повод почетокот на Страсната седмица. Од кабинетот на кардиналот Пицабала соопштиле дека тоа било првпат по многу векови еден латински патријарх да биде спречен да влезе на ова свето место на Цветници.
Во соопштението се додава дека, поради сегашната воена состојба, остануваат на сила ограничувањата за јавни собири. Затоа Црквите ќе овозможат директен пренос на Литургиите и обредите, за верниците во Светата Земја и во целиот свет да можат духовно да учествуваат.
Црковните власти му изразија благодарност на претседателот на Израел, Исак Херцог, за неговата навремена и решителна интервенција. Исто така, упатија благодарност и до државните поглавари и службеници кои брзо реагирале, а многумина од нив лично ја изразиле својата близина и поддршка.
Во изјавата силно се нагласува дека верата претставува врвна човечка вредност, заедничка за сите религии, за Евреите, христијаните, муслиманите, друзите и другите. Особено во време на страдање и судир, какво што се доживува сега, зачувувањето на слободата на богослужба останува основна и заедничка должност.
Црковните власти изразуваат надеж дека и понатаму ќе се наоѓаат соодветни решенија што ќе овозможат богослужбите да се одржува во богослужбените места, особено на светите места на сите религии, при што ќе се воспостави рамнотежа меѓу безбедносните потреби и правото на верско практикување, кое е суштинско за стотици милиони верници ширум светот.
На крајот, Црквата потврдува дека ќе продолжи со дијалогот со властите, вклучително и со израелската полиција, додека воедно ја обновува својата молитва за крај на војната што длабоко го погодува целиот регион. Латинската патријаршија во Ерусалим и Кустодијата на Светата Земја повторно ја истакнуваат својата посветеност на дијалогот, взаемното почитување и зачувувањето на постојниот статус.
Ватикан њуз/к.мк

