Папата: Католичките вредности мора да се промовираат за да се изгради помирна и поправедна Европа
Папата Лав XIV упати порака до Европската конференција насловена како „Градење мир во Европа“, организирана во Луксембург од Фондацијата „Centesimus Annus“ заедно со COMECE и Луксембуршката школа за религија и општество: „Ниедна заедница или континент не може да живее во мир и напредок без заеднички вистини што ги обликуваат нивните норми и вредности“.
Оваа Конференција нека придонесе за промовирање на улогата на католичките вредности во градењето на помирен и поправеден европски континент. Ова е желбата што ја изрази папата Лав XIV по повод Европската конференција што се одржува денес, 23 јануари 2026 година, во Луксембург на тема „Градење мир во Европа: Која е улогата на католичката социјална наука и универзалните вредности?“. Средбата е организирана од Фондацијата Centesimus Annus Pro-Pontefice заедно со Бискупската конференција на Советот на Европската Унија (COMECE) и Луксембуршката школа за религија и општество.
Вистината денес е сведена на обично мислење
Пораката, потпишана од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин и упатена до претседателот на Фондацијата „Centesimus Annus“, професор Паоло Гарона, ја прочита монсињор Бернардито Клеопас Ауза, апостолски нунциј во Европската Унија. Во својата порака, Светиот Отец ја изрази својата благодарност за избраната тема, која – како што напиша – има особено значење со оглед на тоа што денес постои неподготвеност да се дискутира за универзалните вредности на кои религијата или кој било религиозен систем може да придонесе за општото добро на општеството. Иако оваа неподготвеност произлегува од различни причини, главната криза е ширењето на релативизмот и сведувањето на вистината на обично мислење – нагласува Римскиот епископ, додавајќи дека ниедна заедница, а уште помалку било кој континент, не може да живее во мир и напредок без заеднички вистини кои ги обликуваат нивните норми и вредности.
Важноста на социјалата наука на Црквата
Затоа, Петровиот наследник ја повтори итна потреба повторно да се прифати вистината дека човечката личност е создадена по слика и подобие Божјо. Во овој контекст, тој исто така потсети на зборовите на папата Иван Павле II во енцикликата Centesimus annus, според која никаков автентичен напредок не е можен без почитување на природното и првобитно право да се знае вистината и да се живее во согласност со неа. Од оваа перспектива, социјалната наука на Црквата има многу да ни понуди затоа што – како што потсетува Папата – ги надминува границите и обезбедува платформа за заеднички интереси и начин на живот, со што го овозможува мирниот соживот.
Ватикан њуз/к.мк

