Папата Лав XIV: Мир и помирување – наследството на Свети Фрањо

Папата Лав XIV: Мир и помирување – наследството на Свети Фрањо

Папата изрази надеж дека упатената пораката за мир ќе наиде на длабок одѕив во Црквата и во светот. Тој повика да се бара помирување во Христос Распнатиот.

На 10 јануари 2026 година, Лав XIV испрати порака до генералните претпоставени на фрањевските заедници во целиот свет, по повод почетокот на прославите посветени на 800-годишнината од смртта на Свети Фрањо од Асизи.

„Сакам духовно да се обединам со целото фрањевско семејство и со сите што ќе учествуваат во јубилејните настани, со надеж дека пораката за мир ќе наиде на длабок одѕив во Црквата и во општеството“, пишува Лав XIV.

Мирот е збир на сите Божји благослови

Папата потсети дека Свети Фрањо ги советувал своите ученици да ги поздравуваат сите, велејќи: „Господ нека ви даде мир“. Овие зборови се израз на неговата свест дека мирот е „збир на сите Божји благослови, дар што доаѓа одозгора“, напиша Папата.

Релевантноста на наследството на Свети Фрањо

Папата вели дека „во нашето време, обележано со толку многу бескрајни војни, внатрешни и социјални поделби кои раѓаат недоверба и страв“, Свети Фрањо од Асизи продолжува да зборува: не затоа што нуди конкретни решенија за проблемите, туку затоа што неговиот живот го покажува „вистинскиот извор на мир“.

Повик за универзално помирување

Фрањо, кој го нарече сонцето „брат“, а месечината „сестра“, кој во секое создание препознаваше одраз на божествената убавина, нè потсетува дека мирот мора да се прошири на целото семејство на созданието.

„Оваа интуиција е особено важна во наше време, кога нашиот заеднички дом е загрозен и стенка под тежината на експлоатацијата. Мирот со Бога, мирот меѓу луѓето и мирот со созданието се неразделни димензии на обединетиот повик за универзално помирување“, забележува тој.

Повик за духовна верност

„Драги браќа и сестри, примерот и духовното наследство на овој светец, силен во верата, непоколеблив во надежта и страствен во практичната љубов кон другите, во секого нека ја разбуди свеста за важноста на довербата во Господ, на посветувањето на живот верен на Евангелието, „да се прифатат и осветлат со вера и молитва сите околности и делувања во животот“, напиша Папата.

Распнатиот – Извор на мир

Светиот Отец го завршува своето писмо со молитва до Свети Фрањо од Асизи, во кое уште еднаш укажува на Христос како вистински извор на мир:

Свети Фрањо, наш брат, ти кој пред осумстотини години

Се сретна со сестрата смрт како човек на мирот,

моли се за нас пред Господа.

Во Распетието на Сан Дамијано го препозна вистинскиот мир,

научи нè да го бараме во Него изворот на секое помирување,

што ги руши сите ѕидови.

Ти, кој невооружен, ги премина границите на војната

и недоразбирањето,

Дај ни храброст да градиме мостови таму,

каде што светот крева граници,

Во ова време, оптоварено со конфликти и поделби,

посредувај за да можеме да станеме миротворци:

невооружени и разоружувачки сведоци на мирот што доаѓа од Христос.

Амин

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот