Генералната аудиенција: „Бев утешен од верата и радоста на шпанскиот народ“

Генералната аудиенција: „Бев утешен од верата и радоста на шпанскиот народ“

За време на Генералната аудиенција во среда, 17 јуни 2026 година, папата Лав XIV се осврна на своето апостолско патување во Шпанија, при кое ги посети Мадрид, Барселона, опатијата Монтсерат и Канарските Острови.

„Божјиот народ ми даде голема утеха преку радосното сведоштво на својата вера и наклонетост“, рече папата Лав XIV за време на неделната Генерална аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, осврнувајќи се на своето апостолско патување во Шпанија.

Светиот Отец потсети дека, по долго патување во четири африкански земји, овојпат се нашол во европска земја со древна и богата католичка традиција, која и покрај значајните општествени и културни промени, го пречекала со ентузијазам и подготвеност за слушање.

Папата рече дека за тоа му благодари на Бога и на целиот шпански народ, на кралот и граѓанските власти, на епископите и црковните заедници. Тој истакна дека патувањето му дало можност да ги утврди верниците во верата и, како Римски епископ, да ги охрабри да го надминуваат секој облик на поделба и конфликт, промовирајќи заедништво, дијалог и единство во различноста.

„Токму тоа е службата на Петровиот наследник“, објасни папата Лав, „служба што наоѓа посебен израз во апостолските патувања, секогаш прилагодени на црковните и општествените околности на земјите што се посетуваат.“

Топло добредојде што не треба да се земе здраво за готово

Папата рече дека за време на патувањето во Шпанија со радост забележал како луѓе од сите возрасти и животни состојби со нетрпение ја очекувале неговата посета и го пречекале со голема топлина.

„Овој факт“, нагласи папата Лав, „не треба да се зема здраво за готово и заслужува размислување.“

Иако таквото учество, пред сè, ја изразува верата на шпанскиот народ, Папата истакна дека тоа открива и широко распространета потреба од единство врз вистинска и длабока основа — основа што не е ниту идеолошка, ниту заснована на делумни интереси.

Таа основа, нагласи Светиот Отец, може да ја даде само Христос.

Наследство што треба внимателно да се чува

Папата потоа се потсети на литургиските прослави во Мадрид и Барселона, како и на молитвата на Светата Бројаница во опатијата Монтсерат.

„Оваа средба меѓу древното и современото, меѓу католичката традиција и современата култура“, рече тој, „ми овозможи одблиску да го согледам самиот карактер на Европа, нејзиното непроценливо богатство, како жива реалност, а не како нешто што припаѓа само на минатото.“

Папата истакна дека ова наследство треба внимателно да се чува, за да може да биде вложено во денешниот глобален свет, кој се соочува со големи предизвици: мирот, интегралната екологија, праведниот и одржлив развој и почитувањето на човечкото достоинство.

Евангелие на надежта за денешното човештво

Светиот Отец потсети дека овие предизвици веќе биле јасно препознаени од Вториот ватикански собор и повторно продлабочени од подоцнежното учителство на Црквата, вклучително и во неговата енциклика Magnifica humanitas, која има за цел да ја заштити човечката личност во времето на вештачката интелигенција.

„Преку различните средби“, забележа папата Лав, „ја почувствував потребата луѓето преку гласот на Папата да го слушнат Евангелието на надежта за денешното човештво, кое е тешко искушувано од негативните последици на измамничкиот модел на развој.“

Трогателни средби и сведоштва

Папата му заблагодари на Бога и за трогателните средби и поучните сведоштва што ги доживеал за време на патувањето.

Посебно се потсети на лицата на малите и сиромашните: детето што го прочитало своето писмо во парохијата, жртвите на злоупотреба што побарале да бидат слушнати, затворениците што го чекале во затвор, младите исполнети со немир и надежи, како и мигрантите во прифатните центри на Канарските Острови.

Осврнувајќи се на последната етапа од патувањето, Папата потсети на реалноста на локалната Црква на Канарските Острови, која прима голем број присилни мигранти, главно од Африка.

„Знаеме дека феноменот на миграцијата е сложен и бара системки и координирани акциски планови“, рече тој. Но, додаде дека оваа реалност отвора и „поинаква, поширока перспектива“.

Според Папата, таа перспектива ни помага повторно да го читаме Евангелието во денешниот свет, разменувајќи ги даровите на нашите култури, а особено плодовите што во нив ги раѓа Христовата порака.

Да го подигнеме погледот кон Господ

Еден од тие плодови, рече папата Лав, е токму дијалогот меѓу луѓето и народите, како и средбата во духот на братството.

„Овој пат не е лесен“, призна Светиот Отец, нагласувајќи дека тој бара добра волја и Божја помош. Сепак, додаде тој, токму тој пат води кон „цивилизација на љубовта“.

На крајот, папата Лав XIV потсети дека мотото на патувањето било „Подигнете го погледот!“ (сп. Иван 4,35) и ги повика сите луѓе да го насочат својот поглед кон Господ.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот