Христијанската археологија е служба, повик и форма на љубов кон Црквата и човештвото. Таа сведочи за воплотувањето на Бога и претставува вреден инструмент за евангелизација, нагласи Папата.
„Денес сме повикани да одговориме на прашањето: колку корисна може да биде христијанската археологија во општеството и Црквата во ерата на вештачката интелигенција и истражувањето на бесконечните галаксии во вселената?“, напиша Светиот Отец во Апостолското писмо за важноста на археологијата. Документот е објавен на 11 декември 2025 година, по повод стогодишнината од Папскиот институт за христијанска археологија.
Археологијата ни помага да ја видиме мистеријата
Папата потсети дека христијанската вера, во својата најдлабока суштина, е историска: таа „не се раѓа од идеја“, туку од „матка, тело, гробница“. „Таа се заснова на конкретни настани, лица, гестови, зборови изговорени на конкретен јазик, во конкретна ера, во конкретна средина“ – токму тоа ја прави археологијата видлива и опиплива.
„Нè потсетува дека Бог одлучил да зборува на човечки јазик, да оди по земјата, да биде на одредени места – во домови, синагоги, на одредени патишта“, додаде Папата, нагласувајќи дека христијанската теологија не може целосно да се разбере без познавање на местата и материјалните сведоштва што раскажуваат за верата од првите векови.
Дури и најмалата трага заслужува внимание
Според Папата, археологијата носи вредна порака: „ништо што верата го допрела не е безначајно“. „Дури и фрагмент од мозаик, заборавен натпис или графити на ѕидот на катакомбите можат да раскажат биографија на верата“, нагласи тој.
„Живееме во време кога употребата и потрошувачката преовладуваат над зачувувањето и почитувањето. Археологијата, сепак, нè учи дека дури и најмалиот знак на сведоштво заслужува внимание, дека секоја мала трага има вредност, дека ништо не треба да се фрла. Во оваа смисла, таа е училиште за културна одржливост и духовна екологија. Нè учи на почитување на материјата, сеќавањето, историјата. Археологот не фрла, туку конзервира. Тој не троши, туку контемплира. Тој не уништува, туку почитува. Неговиот поглед е трпелив, прецизен, почитувачки. Тој може да забележи во парче керамика, ‘рѓава паричка или избришан натпис здивот на една ера, значењето на верата, тишината на молитвата. Овој поглед може да биде многу поучен и за денешната пасторална активност и катехеза“, напиша Папата.
Археологијата – сојузник на теологијата
„Археологијата не зборува за предмети, туку за луѓе: за нивните домови, гробови, цркви, молитви. Таа раскажува за секојдневниот живот на првите христијани, за местата за богослужба, за начините на проповедање. Покажува како верата го обликувала просторот, градовите, пејзажите, начините на размислување. И ни помага да разбереме како Откровението било воплотено во историјата, како Евангелието пронашло зборови и форми во различни култури. Теологијата што ја игнорира археологијата ризикува да стане бестелесна, апстрактна, идеологизирана. Обратно, теологијата што ја прифаќа археологијата како сојузник е теологија што го слуша телото на Црквата, ги проучува нејзините рани, знаци и традиции и дозволува да биде допрена од историјата“, додаде Светиот Отец.
Папата нè потсетува дека „зад секој предмет стои личност, душа и заедница“, а „зад секоја урнатина – сон за верата, литургија, Откровение“. „Така, христијанската археологија е и форма на љубов: таа дозволува тишината на историјата да зборува, да го врати достоинството на заборавените, да му ја открие на светот безимената светост на многуте верници кои ја изградиле Црквата“, нагласи тој.
Потсетување на евангелизацијата
Папата, исто така, ја истакнува важноста на археологијата за евангелизацијата – ова го разбрале првите христијани, кои „заедно со зборовите на Исус, ги зачувале Неговите места, Неговите имоти и знаците на Неговото присуство“. „Празниот гроб, куќата на Петар во Капернаум, гробниците на мачениците, римските катакомби – сето ова требало да сведочи дека Бог навистина влегол во историјата и дека верата не е филозофија, туку конкретен пат на телото во светот“, пишува тој.
„Ова останува задача на христијанската археологија денес – да ѝ помогне на Црквата да се потсети на своите корени, да го зачува живото сеќавање на своите извори, да ја раскаже можноста за спасение не само со зборови, туку и преку слики, начини, места. Во време кое често ги губи своите корени, археологијата станува вредна алатка за евангелизација, заснована на историската вистина, што го отвора патот кон христијанската надеж и новоста на Духот“, нагласи Лав XIV.
Да гледаме подалеку
Папата нагласи дека археологијата ни овозможува да ја почувствуваме моќта на едно битие кое ги надминува вековите и не е ограничено на материјата, туку ја надминува. „Гледајќи ги христијанските гробници, гледаме не само смрт, туку и очекување на воскресението; во ориентацијата на апсидите препознаваме не само архитектонски дизајн, туку и фокус на Христос; во трагите на култот препознаваме не само обред, туку и желба за Светата Тајна“, истакна тој.
Живп сеќавање
Папата истакнува дека христијанската археологија ни помага подобро да ги разбереме историските, културните и материјалните контексти во кои се случило Откровението. „Теологијата што сака да биде верна на Откровението мора да остане отворена за сложеноста на историјата“, се вели во документот.
Археологијата, рече тој, ја ослободува теологијата од идеализирани или линеарни перспективи за минатото и ѝ дозволува да влезе во вистината на реалноста – вистина составена од величина и ограничувања, светост и слабост, континуитет и прекини. „Токму во оваа конкретна, честопати контрадикторна историја, Бог сакаше да се открие“, додаде Папата.
„Црквата се буди и се обновува кога повторно почнува да размислува за тоа што ја родило и што најдлабоко ја дефинира. Христијанската археологија може многу да помогне во ова. Таа нè учи да го разликуваме суштинското од секундарното, оригиналното јадро од историските слоеви“, истакнува тој, нагласувајќи дека целта не е Црквата да се сведе на минатото: „вистинската археологија не е стерилна конзервација, туку живо сеќавање. Тоа е способност да се дозволи минатото да зборува со сегашноста. Тоа е мудрост да се препознае она што Светиот Дух го разбудил во историјата“.
Да веруваме во моќта на знаењето и сеќавањето
Папата Лав XIV потсетува дека Папскиот институт за света археологија бил основан од Пиј XI во контекст на Јубилејот на мирот, одржан во услови на сериозни економски тешкотии по Првата светска војна. „Денес, сто години подоцна, овој гест ни се обраќа. Прашува: дали сме и ние способни да веруваме во моќта на знаењето, на образованието, на сеќавањето; дали сме подготвени да инвестираме во културата и покрај кризата, да го промовираме знаењето и покрај рамнодушноста, да ја браниме убавината, дури и кога таа изгледа споредна“, реторички прашува Папата, повикувајќи ги сите историски институти на Ватикан да соработуваат едни со други.
„Односите со христијанскиот Исток можат да најдат плодна почва и во археологијата. Заеднички катакомби, заеднички цркви, слични литургиски практики, заедничките маченици – сето ова претставува духовно и културно наследство кое мора да се вреднува заедно“, нагласува Светиот Отец.
Тајната на надежта
Според зборовите на Папата, „Црквата е повикана да поучува со сеќавањето, а христијанската археологија е еден од најблагородните инструменти за тоа“. Ова е неопходно „не за да се бега во минатото, туку за да се живее свесно во сегашноста, за да се гради иднина со корени“. Папата нагласува дека во оваа смисла, археологијата „е во служба на надежта“, бидејќи покажува дека „верата издржала прогони, кризи, промени“, обновувајќи се и цветајќи во нови форми. „Евангелието отсекогаш имало креативна моќ“, Црквата отсекогаш се преродувала, надежта никогаш не избледела, додава тој.
„Христијанската археологија е служба, повик, форма на љубов кон Црквата и човештвото. Бидете верни на длабоката смисла на вашето дело: да го направите видливо Словото на животот, да сведочите дека Бог се воплотил, дека спасението оставило траги, дека Таинствата се историски наратив“, ги повикува Светиот Отец археолозите.
Ватикан њуз/к.мк

