Сестра Слободанка Динова, на 27 ноември 2025 година на празникот Блажена Дева Марија Безгрешна од Чудотворната Медалка, во Битола го прослави својот Златен јубилеј – 50 години монашки живот во Општеството на Сестрите Керќи на Божјата љубов или попознати Сестри Усмиленки.
Свечената света Евхаристија во парохиската црква „Пресвето Срце Исусово“ во Битола ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов.
Бискупот Стојанов во својата проповед се задржа на литургиските читања и на животот на сестра Слободанка во која рече: „Божјото слово кое ни е понудено содржи богата порака која би требала да заживее во нашата свест и во нашиот живот. Авторот на Книгата Откровение ни дава визија на еден небесен знак, жена која е облечена во сонце со круна од дванаесет ѕвезди и месец под нејзините нозе. Разбирливо, дека во таа небеска визија Црквата ја препознава Исусовата мајка, жена исполнета со благодат, благословена меѓу сите жени, бидејќи поверува во сето онаа што ѝ го рече Господ. Сепак, авторот на книгата Откровение опишува една драматична сцена, конфликт на жена која раѓа и ѕвер кој сака да го проголта роденото дете. Мирно во таа сцена можеме да ја гледаме Марија и раѓањето Исусово, Божјиот Син кој стана човек и по својата човечка природа како што знаеме од Светото Писмо е искушуван од ѓаволот. Што значи, во таа своја човечка природа не беше поштеден ниту од искушенијата што нас нéмачат, но како Богочовек, сепак е силен од себе ја отстрани секоја ѓаволска замка.“
Понатаму рече: „сето тоа што е во Библијата запишано често има и уште некоја порака, не само таа која ни се јавува на прв поглед. Повторувам, во ова сцена можеме со право да ја гледаме Марија, но исто така можеме со исто такво право да ја гледаме и тоа што Марија е претставена како нова Ева, а тоа е Светата Мајка Црква.“ Исто така истакна дека „патот на Марија од првиот миг сé до крајот на нејзиниот земски живот не беше поштеден од искушенија и страданија но, сепак, Бог е оној кој секое искушение го претворува во победа, а секое страдание во љубов. Додаде дека апостол Павле ни е голем пример во тоа патување на Црквата како Христова свршеница која поминувајќи низ тој пат оди во сигурна победа“.
Зборувајќи за Сестра Слободанка истакна дека „на тој пат пред повеќе од 50 години тргна и нашата Јубилантка сестра Слободанка Динова родена во Нова Маала. Нејзините верни родители ја воспитале во католичката вера, всадувајќи и христијански вредности во нејзиното срце. И уште на рана возраст, таа го почувствувала Господовиот повик на кој одговара со влегувањето во Општеството на Ќерките на христијанската Љубов на Свети Винко Паулски, понесена од побожносната кон Чудотворната медалка на Блажена Дева Марија Безгрешна“.
„На 15-годишна возраст, на есен 1969 година, заминала за Белград. По неколку месеци, заедно со уште неколку други девојки започнале интензивна подготовка за влез во новицијат. Сепак, нејзините претпоставени, почитувајќи ги одлуките на Вториот ватикански собор за обнова на монашкиот живот, Општеството одлучува да им дозволи на кандидатките да влезат во новицијат кога ќе наполнат 18 години. Ниту една од кандидатките не била полнолетна и тие ја прекинале својата постулатура, односно времето на искушение“.
„Времето до полнолетство го искористиле да го завршат своето основно образование. Како кандидатка, сестра Слободанка го продолжила своето средно стручно образование, кое го завршила со одличен резултат. После тоа, таа поминува 6 месеци во постулантство и влгува во новицијат во 1975 година“.
„По завршениот новицијат во 1977 година, останува во Белград вршејќи ја својата служба. Во 1981 година нејзиниот пат на послушност ја води низ Словенија, Битола, Скопје и повторно во Битола сѐ до денес“.
„Како вредна, скромна, понизна и посветена духовна личност посветена на Бога, полни 50 години му служи на Христос во секој човек во потреба, свесна за харизмата која ја наследи од свети Винко, основачот на Општеството. Со особена радост, таа се грижи за луѓето во потреба, тивко и смирено вршејќи го тоа послание сé до денес“, истакна бискупот Стојанов.
Силен впечаток ми остави нејзината покана во која покрај другото се вели: „Заедно да му се заблагодариме на драгиот Бог“. Често пати повторувам, и при оваа пригода ќе повторам, дека нашето свештенство, нашето монаштво не е сопственост, туку дар од Бога на кое сме повикани да му служиме на Бога и ближниот, а Јубилејот не е да се прославиме ние, туку пригода да искажеме благодарност на Господа Бога за тој дар и да го прославиме Бога, да искажеме благодарност кон своите родители и сите оние кои ни беа поттик и поддршка во остварувањето на целта“.
„Нека во сето тоа нашата небесна Мајка прославена во небото нé застапува и заговара пред Господа Бога да не се измориме на својот животен пат, туку да ја исполниме целта која сме ја избрале во живoтот предано и непоколебливо да му служиме на Бога и ближниот“, заклучи бискуп Стојанов.
На прославата покрај домашниот парох отец Томаш Бак сослужуваше и директорот на Македонски Каритас отец Зоран И. Стојанов, канцеларот отец Марјан Ристов, катедралните пароси: отец Винко Маслаќ и о. Спасо Ристов, паросите отец Тони Ангелов и отец Оливер Тантушев, отец Ѓорги Динов, отец Мато Карматиќ од Цавтат – Хрватска со група ходочесници. Исто така на прославата покрај домашните верници беа присутни и верници од Нова Маала роднини на сестра Слободанка, како и Сестрите Евхаристинки. Хорот го предводеше сестра Љубица Јозиќ.
к.мк

