Во својот поздрав до членовите на Советот на европските бискупски конференции и Конференцијата на европските цркви и претставниците на христијанските цркви во Европа, потписнички на Екуменската повелба, папата Лав XIV истакна позитивни и охрабрувачки знаци во некои делови од континентот, иако забележа дека сè повеќе црковни заедници чувствуваат дека сè повеќе се малцинства. Новиот документ се претставува како „синодален напор“ насочен кон градење заедничка визија за овој и други современи предизвици.
Се појавуваат „нови гласови“, нови приказни чукаат на вратата на Европа, нови култури бараат дом. Од овие „секојдневни средби“ доаѓа повикот на папата Лав XIV да се воспостават врски што можат да ги замолчат ехото на војната и да го вратат здивот на мирот на континентот. Ова е желбата што Папата ја упати во четврток 6 ноември 2025 година, до членовите на Заедничкиот комитет на Советот на европски бискупски конференции (CCEE), Конференцијата на европските цркви (CEC/KEK) и до претставниците на христијанските цркви на Европа, потписнички на Екуменската повелба (Charta Oecumenica).
Документот, потпишан вчера во црквата на мачеништвото на Свети Павле, во опатијата Тре Фонтане во Рим, првпат беше објавен во 2001 година, претставувајќи, како што потсетија потписниците, пресвртница во европската екуменска соработка. Долгиот и внимателен процес на ревизија, кој започна во 2022 година, беше воден во сите негови фази од заедничка работна група, чија делегација Папата ја прими денес во Апостолската палата во Ватикан.
Еволуција и заеднички загрижености
Повелбата требаше да се ревидира – објасни Папата – поради постојаната еволуција на предизвиците со кои се соочуваат христијаните на екуменскиот пат, охрабрувајќи нè да го гледаме европскиот контекст со ново око и да споделуваме заеднички грижи во врска со навестување на Евангелието.
Всушност, потребна е постојана и внимателна проникливост за да се исполни големата задача да се направат ученици сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
„Новите генерации и новодојденците“
Состојбата на христијанството во Европа се развива со двојна брзина – истакна Папата – од една страна, се појавуваат позитивни и охрабрувачки знаци, додека од друга страна, бројни христијански заедници се наоѓаат сè повеќе во малцинство. Континенталниот контекст вклучува и присуство на нови генерации и новодојденци, кои носат лични истории и многу разновидни културни изрази – рече Светиот Отец, додавајќи:
Затоа, можат да се слушнат многу нови гласови и приказни кои мора да се прифатат преку секојдневните средби и поблиски односи, без да се заборави итната потреба од промовирање на дијалогот, хармонијата и братството среде бучавата од насилството и војната, чии одгласи одекнуваат низ целиот континент.
Во овој контекст, благодатта, милоста и мирот Господов се навистина неопходни – истакна тој – бидејќи само Божјата помош може да го покаже патот за навестување на Христос во овие променливи контексти.
„Гледајќи ја историјата низ очите на Христос“
Почнувајќи од општото убедување дека Бог зборува со и преку својот свет народ, новата Екуменска повелба станува живо сведоштво за подготвеноста на европските цркви да ја гледаат нашата историја со очите на Христос. Поддржани од Светиот Дух – додаде Папата – ќе биде можно појасно да се разберат успесите, неуспесите и насоката што треба да се земе во навестување на Евангелието.
Повелбата не само што предлага методи, туку ја истакнува и потребата од придружници и можни патеки што треба да се следат. Притоа, секогаш остануваме отворени за вдахновенијата и изненадувањата на Светиот Дух!
Екуменизам и синодалност
Патот на синодалноста, по кој моментално оди Католичката црква, е и мора да биде екуменски, исто како што е синодален екуменскиот пат – зборуваше папата Фрањо. Во оваа смисла, Екуменската повелба го конкретизира заедничкиот пат што го следат христијаните од различни традиции во Европа, способни за меѓусебно слушање и заедничко расудување. Меѓу најзначајните точки на ревизијата, папата Лав XIV истакна заедничка визија во врска со современите предизвици и приоритети за иднината на континентот, и убеденост за безвременската релевантност на евангелската порака.
Во извесна смисла, тоа може да се опише како синодален напор да одиме заедно.
Патување во Турција и Јубилеј
Светиот Отец го спомена и апостолското патување што наскоро ќе го преземе во Турција, до местото на Вселенскиот собор во Никеја, каде што ќе се сретне и ќе се моли со поглаварите на Црквата и водачите на христијанските заедници, славејќи го заедно Исус Христос како наш Господ и Спасител. На крајот, тој ја изрази својата желба за време на овој Јубилеј да им се навести на сите народи на Европа дека Исус Христос е нашата надеж, бидејќи Тој е и „патот“ што го следиме и „конечната цел“ на нашето духовно ходочестие.
Ватикан њуз/к.мк

