Папата: Светците не се борци за идеали, туку сведоци на Христовата љубов

Папата: Светците не се борци за идеали, туку сведоци на Христовата љубов

На светата Литургија за канонизација на маченикот Петар То Рота и бискупот Игнацио Чукралах Малојан, монахињите Марија Тронкати, Винченца Марија Полони и Кармен Рендилес Мартинес, како и лаиците Бартоло Лонго и Хозе Грегорио Ернандез Сиснерос, папата Лав XIV се осврна на важноста на молитвата и верата за живот и дејствување во надеж во Божјата промисла: „Кога сме распнати од омраза и војна, Бог дава утеха на секој што плаче.“

Католичката црква е побогата за седум нови светци. Папата Лав XIV ги прогласи за светци на светата Литургија, која ја предводеше на плоштадот „Свети Петар“ во недела, 19 октомври 2025 година, пред десетици илјади верници од целиот свет. Откако беа прочитани кратките биографии на идните светци и барањето на префектот на Дикастеријата за прогласување на светци, кардиналот Марчело Семераро, Папата ја изговори формулата за канонизација:

Во чест на Пресветата Троица, за воздигнување на католичката вера и растот на христијанскиот живот, со авторитетот на нашиот Господ Исус Христос, светите апостоли Петар и Павле и нашиот, по внимателно разгледување и усрдна молитва за божествена помош, откако го слушнавме мислењето на многу браќа во епископатот, прогласуваме дека блажените маченици Игнацио Малојан и Петар То Рот, како и Винченца Марија Полони, Марија Кармен Елена Рендилес, Марија Тронкати, Хозе Грегорио Ернандез Сиснерос и Бартоло Лонго, треба да бидат канонизирани за светци на Католичката црква и одлучуваме отсега да бидат почитувани како светци во целата Црква. Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Во својата проповед, Светиот Отец објасни дека прашањето на Исус: „Кога ќе дојде Синот Човечки, дали ќе најде вера на земјата?“ открива што е најскапоцено за Господ: верата, или поточно – заветот на љубовта меѓу Бог и човекот. Притоа, тој нагласи:

„Денес, пред нас стојат седум сведоци – нови светители кои, по Божјата благодат, го одржале светилникот на верата запален; згора на тоа, тие самите станале светилки способни да ја шират светлината Христова.“

„Исто како што не се заморуваме од дишењето, така не смееме да се замориме и од молитвата! Како што дишењето го одржува животот на телото, така и молитвата го одржува животот на душата. Верата, всушност, се изразува во молитвата, а вистинската молитва живее од верата“, додаде Светиот Отец и продолжи:

„Господ нè прашува дали веруваме дека Бог е праведен судија на сите. Синот нè прашува дали веруваме дека Отецот секогаш го сака нашето добро и спасението на секој човек. Две искушенија ја ставаат нашата вера на испит: првото се храни со соблазната на злото, наведувајќи нè да мислиме дека Бог не го слуша плачот на угнетените и нема милост за страдањето на невините. Второто искушение е барањето Бог да постапува според нашите желби: тогаш молитвата отстапува место да му се заповеда на Бога, како да сакаме да му покажеме како да биде праведен и ефикасен.“

„Молитвата на Црквата нè потсетува дека Бог е праведен кон сите, давајќи го својот живот за сите,“ – забележа папата Лав XIV, додавајќи:

„Господ нè слуша и нè прифаќа какви што сме, за да нè преобрази во она што е Тој. Оној што ја отфрла Божјата милост останува неспособен за милост кон ближниот. Оној што не го прима мирот како дар, не знае како да го даде.“

„Денешните нови светци не се херои или борци за идеали, туку автентични мажи и жени,“ нагласи Папата и заврши со повик нивното застапништво да ни помогне во нашите искушенија, а нивниот пример да нè вдахнови кон заедничкииот повик за светост. „Додека го правиме нашето ходочестие за оваа цел, да се молиме непрестајно, цврсти во она што сме го научиле и во она во што цврсто веруваме. Верата на земјата така ја поддржува надежта на небото,“ заклучи Светиот Отец.

Игнацио Чукралах Малојан, ерменски надбискуп и маченик, бил убиен од отоманските сили во 1915 година затоа што одбил да го прифати исламот. Првиот мирјанин светец од Папуа Нова Гвинеја, Петар То Рота, бил погубен од Јапонците на крајот од Втората светска војна. Венецуелскиот мирјанин Хозе Грегорио Ернандез Сиснерос бил лекар, научник, филантроп и побожен католик кој, по студиите во Каракас и Париз, имал клучно влијание врз развојот на модерната медицина во Венецуела.

Бартоло Лонго бил – според сопственото сведоштво – сатански свештеник, но се преобратил и подоцна го основал Светилиштето на Пресвета Богородица од Бројаницата во Помпеја.

Трите монахињи – две од Италија и една од Венецуела – кои сега се исто така канонизирани, ги поврзува заедничката грижа за болните и помагањето на сите на кои им е потребна поддршка.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот