Папата ќе ги прими кралот Чарлс и кралицата Камила во Ватикан

Папата ќе ги прими кралот Чарлс и кралицата Камила во Ватикан

Кралот Чарлс III и кралицата Камила ќе го посетат Ватикан на 23 октомври 2025 година

Кралот Чарлс III и кралицата Камила ќе престојуваат во официјална државна посета на Ватикан во четврток, 23 октомври 2025 година, каде што ќе бидат примени од папата Лав XIV. Посетата, потврдена и од Светиот Престол и од Бакингемската палата, означува историски момент во англиканско-католичките односи и ќе се фокусира на две клучни теми: христијанското единство и грижата за животната средина.

Како дел од настаните на денот, кралот Чарлс ќе биде почестен со титулата Кралски собрат на Свети Павле во базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“, со што ќе се признаат долгогодишните врски меѓу британската круна и бенедиктинската опатија поврзана со базиликата.

Во 12 часот по локално време, папата Лав XIV ќе предводи екуменска молитвена служба за грижата за созданието во Систинската капела. Потоа, во Сала Реџа ќе се одржи средба со поединци и организации посветени на заштитата на животната средина. Подоцна попладне, во 14:45 часот, кралот и кралицата ќе ја посетат базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“, каде што на кралот Чарлс официјално ќе му биде доделена титулата Кралски собрат на Свети Павле.

Бакингемската палата ја опиша посетата како „историска“, во согласност со темата на јубилејната година „Ходочесници на надежта“, и истакнувајќи ги заедничките екуменски напори меѓу Католичката црква и Англиканската црква.

Посета фокусирана на единството и животната средина

Двете централни теми на кралската посета се христијанското единство и грижата за планетата. На прес-конференцијата во Ватикан на 17 октомври, надбискупот Флавио Пејс, секретар на Дикастеријата за промоција на единство меѓу христијаните, ги истакна екуменските аспекти, додека сестра Алесандра Смерили, секретарка на Дикастеријата за промоција на интегралниот човечки развој, зборуваше за еколошката димензија.

Првично закажана за април, посетата се совпаѓа и со 10-годишнината од енцикликата на папата Фрањо за животната средина Laudato Si’. Кралот Чарлс — кој, како врховен гувернер на Англиканската црква, долго време е посветен на меѓурелигискиот ангажман — посебно побара да учествува на литургија фокусирана на грижата за созданието. Таа служба ќе ја водат заеднички папата Лав XIV и надбискупот од Јорк, Стивен Котрел, во Систинската капела.

Химна што ги премостува традициите

Екуменскиот тон на посетата ќе биде одразен во Литургијата, која ќе вклучува химна од Свети Амврозиј Милански — испеана во англиски превод од Свети Џон Хенри Њуман. Тој бил клучна фигура во англиканско-католичките односи, бил англиканец поголемиот дел од својот живот пред да стане католик. Тој беше канонизиран во 2019 година — настан на кој лично присуствуваше кралот Чарлс. На 1 ноември, папата Лав ќе го прогласи Њуман за Учител на Црквата, за време на голема церемонија на која ќе присуствува високорангирана англиканска делегација.

Музиката ќе ја изведуваат хорот на Систинската капела, заедно со хористи од Кралската капела во палатата „Свети Јаков“ и хорот на капелата „Свети Ѓорѓи“ од замокот Виндзор.

Посебна чест за кралот

Попладне, кралското семејство ќе отпатува во базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“, која одржува историски врски со британската круна и соседната бенедиктинска опатија. Грбот на опатијата ги вклучува ознаките на Редот Гартер — едно од најпрестижните британски одликувања.

За да се одбележи овој настан, кралот Чарлс ќе биде официјално именуван за Кралски собрат на Свети Павле од страна на кардиналот Џејмс Мајкл Харви и опатот Донато Ољари, со одобрение од папата Лав XIV. „Тоа е знак на чест и духовно заедништво“, рече надбискупот Пејс.

За време на церемонијата ќе се користи специјално дизајниран стол со грбот на кралот Чарлс и латинскиот натпис Ut unum sint („Да бидеме едно“, Иван 17:21). Столот ќе остане во апсидата на базиликата и ќе биде достапен за употреба од страна на кралот и неговите наследници при идни посети.

Заедничко управување со планетата

По екуменската молитвена служба, папата Лав и кралот Чарлс ќе учествуваат на приватна средба во Сала Реџа со црковни лидери, бизнисмени, еколошки застапници и експерти на Обединетите нации. Ќе присуствуваат и претставници од движењето Laudato Si’.

„Оваа средба ја нагласува силната врска меѓу Католичката и Англиканската црква по прашањата за животната средина“, изјави сестра Смерили. „Папата Фрањо често нè потсетуваште дека сè е поврзано и дека еколошките и социјалните кризи мора да се решаваат заедно. Папата Лав го продолжи овој пристап со понатамошни активности.“

Таа ги истакна неодамнешните иницијативи, како што се славењето на новиот Missa pro custodia creationis (Литургија за заштита на созданието) на 9 јули и претстојната инаугурација на Borgo Laudato Si’ на 5 септември 2025 година. Сестра Смерили, исто така, ги пофали напорите на кралот да го вклучи приватниот сектор во борбата против климатските промени и губењето на биодиверзитетот.

Гледајќи напред

И надбискупот Пејс и сестра Смерили го нагласија долгорочното значење на оваа посета. „Ова означува историски момент на патот на помирување меѓу нашите цркви“, рече надбискупот Пејс. „Се одбелеќува колку далеку сме стигнале – и се нуди надеж за иднината.“

Сестра Смерили се согласи, нарекувајќи ја посетата важен знак на единство и споделена одговорност за животната средина: „Ова се теми што се поважни од кога било – за идните генерации.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот